Tрагедија се случи денеска на ридско-брзинската трка во Пробиштип, каде што животот го загуби едно лице, кое било прегазено од автомобил на целната рамнина, објави порталот Спорт 1.
Настраданиот на трката бил редар на трката, а по ударот од автомобилот паднал во провалија, по што починал на пат кон болница.
Од Тркачкиот клуб Кастм кар рејсинг тим, одговорност за денешната трагедија побараа од Автомобилистичката федерација.
„На крајно небезбедна патека без банкини која не знаеме како можеле да ја лиценцираат и направат безбедносен план во Пробиштип каде овој викенд организираа ридско-брзинска трка згасна човечки живот кој беше удрен од тркачки автомобил на целта при тоа беше и дел од организацијата. Одговорност за овој настан треба да сноси целото раководство на АФМ а тоа се Ранко Станојковски, Павле Доневски и неговиот клуб и Кристина Станојковска“,
напишаа на официјалниот профил на Фејсбук од тркачкиот клуб.
Градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов вечерва соопшти дека животот трагично го изгубил 62 – годишниот Кире Андреевски-Кирца, долгогодишен автомобилистички судија и директор на трката, член на Автомобилистичката федерација на Македонија.
Поради трагичниот инцидент на патеката, беше прекината ридско – брзинската трка, која беше прва од официјалниот календар на шампионатот на Македонија во автомобилизам.