Со Диого Жота (28) во автомобилот бил и неговиот брат Андре (26), кој исто така починал на местото на несреќата

Напаѓачот на Ливерпул, Диого Жота, загинал во сообраќајна несреќа утрово, објавија шпанските медиуми. Португалецот (28) загинал во шпанската покраина Замора во близина на границата со Португалија. Со него во автомобилот бил и неговиот брат Андре (26), кој исто така починал на местото на несреќата.
Според објавите на шпанските медиуми, автомобилот во кој патувале двајцата браќа излетал од патот и се запалил. Според сведоците кои се јавиле на службите за итна интервенција, автомобилот бил во пламен и се проширил кон блиската вегетација.
Несреќата се случила кратко по полноќ.
Очевидци веднаш ги известиле службите за итни случаи, но пожарникарите, членовите на сообраќајната единица на Цивилната гарда, брзата помош и медицинскиот персонал од здравствениот центар Момбуеј можеле само да ја потврдат смртта на двајцата млади мажи по пристигнувањето.
Диого Жота се ожени со Руте Кардосо на 22 јуни 2025 година, со која има три деца.

Португалецот кариерата ја започна во Пакош Ферерира во 2014 година. По две години се пресели во Атлетико Мадрид, а потоа патот преку Порто и Вулверхемптон го однесе во Ливерпул.
За Ливерпул, со кој минатата сезона стана англиски шампион по вторпат, потпиша во 2020 година. Ливерпул за неговиот трансфер издвои 40 милиони фунти.