Бојкотот е прекинат бидејќи во преговорите со менаџерскиот тим е постигнат позитивен договор. Ќе бидат повлечени суспензиите за колегите и нема да има ниту една санкција, вели претставникот на машиновозачите
Од вечерва ќе продолжи да сообраќа товарниот железнички сообраќај, додека од вторник и патничките возови ќе почнат редовно да возат. Железничкиот сообраќај ќе се нормализира по бојкотот кој траеше од 25 август, а откако денеска се договориле машинскиот и извршниот персонал во ЖРСМ „Транспорт“ и раководството на претпријатието.
Тони Димовски, претставник на машиновозачите вели дека е постигнат договор за прекин на бојкотот што го почнаа на 25. минатиот месец со барање за исплата на вториот дел од платата за јули, како и за редовност во исплата, што е честа причина за бојкоти во железничкото претпријатие.
„Бојкотот е прекинат бидејќи во преговорите со менаџерскиот тим е постигнат позитивен договор. Ќе бидат повлечени суспензиите за колегите и нема да има ниту една санкција“,
вели Димовски за МИА.
Машинскиот и извршниот персонал во ЖРСМ „Транспорт“, го почна бојкотот поради неисплатениот втор дел од платата за јули годинава.
Од стартот на бојкотот не сообраќаа ниту патничките ниту товарните возови.