Во изјава за медиумите, министерот за внатрешни работи рече дека на осудениците во затворот во Шутка им биле овозможувани услови кои според законот не им следувале, како на пример, приватни посети, изнесување од затворот од осум до десет часа во текот на денот, со, како што додава, затворско обезбедување, со службени возила, со службено гориво и со прекумерни часови исплатени од буџетот на граѓаните
Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари функционирал повеќе како туристичко-угостителско правно лице отколку како затвор кој треба да се грижи за осудениците согласно законот.
Од досега прибраните докази, постојат вакви основи на сомнение – изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по вчерашната акција на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во која беа приведени поранешниот директор на затворот во Шутка и затвоски полицаец поради сомнежи за злоупотреба на службената положба.

Во изјава за медиумите по денешната посета на Штип, Тошковски рече дека на осудениците во затворот во Шутка им биле овозможувани услови кои според законот не им следувале, како на пример, приватни посети, изнесување од затворот од осум до десет часа во текот на денот, со, како што додава министерот, затворско обезбедување, со службени возила, со службено гориво и со прекумерни часови исплатени од буџетот на граѓаните.
„Цениме еднаш засекогаш дека ваквиот начин на злоупотреба на македонските граѓани треба да заврши во рамки на овие институции. Навистина сметам дека за секое едно дејствие од овој тип треба да има соодветна постапка, на крајот ќе оставеме на судот дали ќе одлучи да изрече и соодветни санкции“,
изјави Тошковски.
„Хотел-промаја“, како што рече министерот, не бил само затворот „Скопје“, туку и други затвори во државата.
„Имавме преземено процесни дејствија, односно поднесовме кривична пријава во изминатите неколку месеци и за еден друг затвор којшто беше менаџиран од исто така одредени лица, коишто незаконски постапувале во делот со осудените лица. Така што, ова не е прв случај којшто го работиме од овој тип и за којшто поднесуваме кривични пријави. Верувам дека во иднина ќе следат и други постапки, коишто ќе бидат поврзани со сличен тип на криминалитет“, изјави Тошковски во текот на посетата на Штип.
Претходно денеска, Основниот кривичен суд Скопје, на предлог на ОЈО ГОКК одреди мерки за претпазливост на 10 лица поврзани со акцијата спроведена во КПУ затвор „Скопје“.