Само се надевам дека во иднина, од 16 осомничени ќе бидат уапсени сите 16, а не само 7 или 6. И тоа ќе бидат уапсени од првиот па надолу, а не од последниот нагоре – вели министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски

Полициската акција во скопско Грчец била една од првите теми на коишто разговарале досегашниот и новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и Панче Тошковски.
Тошковски денеска ја презеде функцијата во МВР и во интервју за „360 степени“ на МРТ1 кажа дека примопредавањето поминало во протоколарна и културна атмосфера, но дека се поразговарало и за некои суштествени работи, како апсењата во Грчец.
„Ја поздравив акцијата која е спроведена од страна на МВР. Акција со таков фокус би требало да е приоритет на Министерството за внатрешни работи, само се надевам дека во иднина, од 16 осомничени ќе бидат уапсени сите 16, а не само 7 или 6. И тоа ќе бидат уапсени од првиот па надолу, а не од последниот нагоре, односно оние кои се носители на тие криминални активности, а не оние споредните“,
рече Тошковски.
Новиот министер вели дека МВР ќе постапува во сите случаи поврзани со безбедноста на државата, организираниот криминал и високата корупција.
Во контекст на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека граѓаните не треба да очекуваат холивудски спектакли и сценарија со упаѓање во домовите на специјални единици, Тошковски вели дека народот треба да види нормалност.

„Народот треба да види нормалност, вистинска борба против организираниот криминал и високата корупцијата, вистински сервис во МВР. Краток ни е периодот, не сакам да создадам балон на очекувања дека во наредните три месеци овде ќе цветаат рози. Нема да е така, но ќе види народот дека имаме желба, волја, капацитет и ќе го направиме тоа“,
кажа тој.
Инаку, на 25 јануари МВР спроведе голема полициска акција во скопското село Грчец, со претреси во домови и приведување на членови на криминална група. На пет од шестемина уапсени, судот им одредени 30-дневен притвор, додека на шестиот приведен му се изречени мерки на претпазливост.
Досегашниот министер за внатрешни Оливер Спасовски рече дека станува збор за една од можеби најзначајните истраги која финиширала со целосно разбивање на криминалните групи кои повеќе од 30 години дејствувале на територијата на главниот град на државата.
Според Спасовски, 16-те лица опфатени во истрагата се осомничени за трговија со дрога, убиства и обиди за убиства, а едно од нив во рамките на акцијата е уапсено во Шпанија.
Во однос на лицата кои се надвор од земјава и не им се достапни на македонските власти, меѓу кои е и лидерот на групата од Грчец, Спасовски рече дека во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал се иницирани потерници, а ќе се преземат и координативни мерки со поддршка на Европол за нивно апсење.