Прашан во врска со мотивите за инцидентот, Тошковски рече дека во овој момент не може да сподели повеќе информации, додавајќи дека постапката е во тек и се води во согласност со законските процедури
Тој наведе дека Министерството за внатрешни работи бргу постапило во насока на расветлување на случајот, при што осомниченото лице било брзо идентификувано и лишено од слобода, во соработка со Агенцијата за национална безбедност (АНБ)
Насилство нема да биде дозволено ниту толерирано, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, остро осудувајќи го вчерашниот инцидент во кој беа опожарени дипломатски возила, сопственост на бугарската амбасада во Скопје.

Тошковски ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање на настан по повод потпишување декларација за превенција на насилството кај младите, заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска. Коментирајќи го инцидентот пред бугарската амбасада во Скопје, ресорниот министер рече дека ваквите настани се неприфатливо посочувајќи дека институциите реагирале навремено.
Во таа насока, тој наведе дека Министерството за внатрешни работи бргу постапило во насока на расветлување на случајот, при што осомниченото лице било брзо идентификувано и лишено од слобода.
„Лицето што се сомничи за палењето на возилото е многу бргу идентификувано и обезбедено од страна на МВР, во соработка со Агенцијата за национална безбедност“,
изјави Тошковски.
Според него, случајот се процесира во координација со надлежните институции, односно се очекува натамошна постапка од надлежното Обвинителство по итна постапка.
„Очекуваме во текот на денот да има соопштение од страна на Обвинителството и од судот во однос на понатамошните чекори“,
рече министерот.
Тошковски повтори дека институциите имаат јасен став за ваквите појави, особено кога станува збор за оштетување имот на странски дипломатски претставништва.
„Огромна осуда лично од моја страна и од страна на сите оние, ќе повторам, политички фактори во државата на какво било насилство, особено насилство насочено кон оштетување предмети што се во сопственост на соседна држава, особено таков тип на насилство треба да биде предмет на осуда и е предмет на осуда“,
рече министерот за внатрешни работи.
Прашан во врска со мотивите за инцидентот, Тошковски рече дека во овој момент не може да сподели повеќе информации додавајќи дека постапката е во тек и се води во согласност со законските процедури.
Инаку, од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера попладне соопштија дека по пријавата на настанот во 12:13 часот е уапсен 44-годишен скопјанец со иницијали И.Д. за кого постои основано сомневање дека ги запалил возилата на бугарската амбасада во Скопје.

Министерството соопшти дека пронајдена е и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото. Лицето е задржано во полициска станица и во координација со јавен обвинител се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот, рекоа од МВР, од каде што најавија дека против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.
На видеоснимката што ја објавија бугарските медиуми, а на својата веб-страница ја сподели и Министерството за внатрешни работи се гледа сторителот во моментот на извршувањето на делото. На него се гледа како тој се приближува кон возилата што се паркирани на тротоарот пред Амбасадата. Лицето од пластична кеса вади шише со непозната течност и ги полева возилата. Потоа се гледа како предниот дел од автомобилот „сузуки“ гори, а лицето што го предизвика запалувањето бега.
Осуда за палењето на возилата стигна од македонските власти и од бугарското Министерството за надворешни работи.
Од Министерството за надворешни работи на Бугарија рекоа дека палењето на возилата е резултат на агресивен политички говор и поттикнување омраза.
Во реакцијата тие упатуваат критики до македонските институции поради, како што велат, недостатокот на соодветен одговор во претходни слични случаи, што создава чувство на неказнивост кај сторителите.
