Во соопштението што МВР го испрати до медиумите не се наведува какви мерки предложил министерот за внатрешни работи во врска со ова прашање
Новоименуваниот министер за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски, денеска во просториите на Министерството се сретнал со амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, информираа од МВР.
На средбата со грчката амбасадорка, Тошковски, како што соопштија од МВР, го презентирал проблемот со недостигот на обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање.
Во соопштението не се наведува какви мерки предложил новоименуваниот министер во врска со ова прашање.
Во вчерашното интервју за „360 степени“ министерот за внатрешни работи изјави дека ќе направи сè за да го релаксира процесот на поднесувањето барања за издавање, но и на процесот за подигнување на готовите патни исправи за, како што вели, граѓаните да се чувствуваат достоинствено во процесот кој треба да биде најнормален.
„Ќе направиме сè за да го релаксираме процесот и ќе направиме се за граѓаните на Република Македонија да не останат заробени после 12 февруари“,
изјави Тошковски во вчерашното издание на „360 степени“.
Доскорешниот прв човек на МВР, Оливер Спасовски, минатата недела изјави дека има доволно обрасци за пасошите, а дека нова количина треба да стигне од почетокот на неделава и во периодот што следи.