Рамадани вели дека не знае дали решението што го добиле е согласно закон и најави дека ќе го обжалат
На топланата „Скопје Север“ денеска и e изречена забрана да користи мазут од страна на инспектори од Секторот за животна средина во Град Скопје, потврди Куштрим Рамадани, директор на Топлана „Скопје Север“.
Рамадани вели дека не знае дали решението што го добиле е согласно закон и најави дека ќе го обжалат.
Министерот за економија Крешник Бектеши претходно изјави дека во законот е предвидена можност да се користи алтернативно гориво за производство на топлинска енергија, односно мазут или дизел, но, како што порача, кога ќе се користи да се запазат процедурите во државава.
„За нас е приоритет да не се доведеме во таква ситуација да треба да користиме алтернативно гориво за Исток и за Запад, со кои ние менаџираме како држава преку ЕСМ. Во делот на ‘Скопје Север’ има Инспекторат за животна средина ако во случај работи со мазут или со дизел, освен природен гас, да ги проверат нивните лиценци и процедурите како ги ставиле овие енергенси во функција“,
рече Бекшети.
Денеска директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски рече дека се отворени за соработка и со АД„ Скопје Север“ со цел да се обезбеди топлинска енергија за граѓаните на Чаир, Бутел и околината кои ги користат услугите од оваа топлана.
„Досега имавме неколку работни средби со претставници на АД ‘Скопје Север’, вклучително и со Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Како компанија, тие имаат обезбедено дел од потребните ресурси за овој период од годината, а ние како компанија можеме да склучиме со нив договор за деловно техничка соработка, исто како и претходната грејна сезона, за да можеме да помогнеме во делот на обезбедување на природен гас“,
рече Ковачевски.
Следната опција, додаде тој, е да се направи договор за закуп како што направивме со топланите „Исток“ и „Запад“ со приватната компанија „Адора“.