Бизнисменот и ексградоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, не се појави како сведок на денешното рочиште за „Рекет“. Тој поднел известување дека поради службено патување е надвор од државата. Не се појави ниту вториот сведок поради неуредна достава на поканата.
Поради тоа, денешното рочиште се одложи.
Двајцата сведоци кои беа планирани за денеска се на предлог на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13.
Ново судење е закажано и за утре за кога одбраната треба да обезбеди сведоци.
Сведоци на предлог на Боки ќе се сослушуваат и наредната недела, а меѓу нив ќе бидат и Сергеј Варошлија и сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче, како и Тодоровиќ, кој тогаш треба да биде вратен во земјава.
Пред да го одложи денешното рочиште судијката Васка Николовска-Масевска соопшти дека го одбива барањето на Боки да се пушти од притвор бидејќи судечкиот совет смета постојат причините поради кои му беше определен притворот и дека смета оти потребната здравствена нега може да ја добие и во затворот во Шутка.
Судскиот процес за „Рекет“ е во фаза на испитување на сведоци на одбраната. Досега беше сослушан само еден сведок, исто така, предложен од Боки.
Сведочеше адвокатот Васил Димишков, брат на судијката на претходна постапка Весна Димишкова, која му одреди мерка притвор на Јордан Камчев, обвинет во случајот „Империја“. Тој сведочеше дека семејството Камчеви сакале да го ангажираат да биде адвокат во тимот на бизнисменот при што рече дека смета оти тоа сакале да го направат со цел неговата сестра да биде изземена од предметот „Империја“.
Боки има предложено вкупно 12 сведоци, додека второобвинетата Катица Јанева, предлага 13 сведоци меѓу кои се поголем дел од обвинителите кои работеа во СЈО.
Јовановски во „Рекет“ е обвинет за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева за злоупотреба на службената положба.