Ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, синоќа повторно завршил во Ургентниот центар, а утрово бил примен на Клиниката за неврохирургија и бил неконтактибилен.
Ова утрово го кажа неговиот адвокат Јовица Страшевски објаснувајќи зошто не дошол неговиот клиент на денешното рочиште.
Но дали сепак ќе продолжи судењето, судечкиот совет дополнително ќе одлучи зашто обвинителот Бурим Рустеми бара да се раздвои постапката: една за Тони Трајковски и четворицата членови на Комисијата за јавна набавка од Општина Гази Баба во 2011 година и друга за Миле Јанакиески, Елизабета Најдовска и Никола Груевски, кому му се суди во отсуство.
Ова би значело да продолжи судењето за Јанакиески, Најдовска и Груевски, а за останатите ќе продолжи кога Трајковски ќе може да присуствува на рочиштата.
„Апсурдно би било да не се раздвои постапката и да почне од почеток кога веќе имаме услови за продолжување на постапката. Обвинетиот Миле Јанакиески веќе даде и исказ. Таа се наоѓа во крајна фаза. Со раздвојување сметам дека судот ќе покаже дека е подготвен да дејствува ефикасно, во спротивно сметам дека ќе се одолговлекува постапката со месеци можеби и со години, ќе се создадат непотребно трошоци и ќе се повредат и правата на оштетените во постапката. Затоа предлагам судот да ја раздвои постапката за Тони Трајковски и членовите на комисијата, а нив ги споменав од причина што се јавуваат како заеднички учесници во постапката и заедно ги сториле повредите на Законот за јавна набавка“, наведе Рустеми.
Бранителите на обвинетите се спротивставија на ваквиот предлог на обвинителот.
Адвокатот на Миле Јанакиески, Еленко Миланов, наведе дека неговиот клиент се товари како поттикнувач, односно дека го поттикнувал Тони Трајковски, како и за делото злоупотреба на службената положба и според тоа не може да одговара без директниот извршител.
На предлогот за раздвојување се спротивстави и Јанакиески велејќи дека оската на предметот се врти околу Трајковски и треба да останат во еден предмет.
„Целта на едно судење е да се дознае вистината. Јас немам отсуствувано на ниедно рочиште, ако се бара мојата глава од обвинителството, дека само јас треба да одговарам за овој предмет, нека се издвои предметот. Ако се издвои Тони Трајковски, кој е оската на сите случување, воопшто нема да се дознае вистината. Ако може адвокатот на Тони Трајковски да зборува со докторот и да дадат цврсти ветувања да се појави на утрешното рочиште. Тони Трајковски не трева да се раздвои, јас имам многу прашања за него. А, ако целта е да ја скинете главата на Јанакиески, повелете“, рече ексминистерот.
Адвокатите исто така посочуваа и дека овој судечки совет не може да постапува бидејќи две поротнички имаат наполнето по 60 години и второ тоа што на една од нив дополнително на полноќ ѝ завршил четиригодишниот мандат. Адвокатите сметаат дека мандатот е веќе завршен бидејќи поротничката почнала да ја извршува функцијата на 24 декември 2015 односно не треба да се чека за тоа Судскиот совет да донесе писмено решение.
„Ако денес го вршите тој поранешен мандат или уште полошо одлучувате за нешто, тоа значи дека ќе одлучувате надвор од дадениот мандат затоа што денеска имате 4 години и 1 ден“, рече адвокатот Димитар Дангов додавајќи дека токму и поради овие причини овој совет не може да одлучува дали треба да се раздвои постапката или не.
Судечкиот совет на чело со Огнен Ставрев, по излагањето и на адвокатите и на обвинителот, даде пауза за да одлучи.
Вчерашното рочиште за ТНТ се одложи токму поради отсуството на Трајковски чиј адвокат Јовица Страшевски соопшти дека во неделата неговиот клиент бил претепан поради наводна кавга за куче.
Бранителот на ексградоначалникот вчера посочи дека неговите информации се дека клиентот не е во добра здравствена состојба и веројатно ќе биде задржан на лекување. Од друга страна, пак, судијата Огнен Ставрев рече дека разговарал со лекарот на Ургентниот центар кој му кажал дека вчера утрото Трајковски бил пуштен дома и дека е во добра здравствена состојба. Судијата вчера посочи дека не е доставена медицинска документација дека обвинетиот не е способен да следи рочиште и нареди за денеска тој да биде стражарно приведен.
Овој случај е во својата завршница. До изрекување на пресудата останува само да заврши распитот на обвинетите и завршните зборови. Меѓутоа, мали се шансите тоа да се случи бидејќи Судскиот совет вчера информираше дека на работен состанок заклучиле дека треба да се констатира престанок на мандатот на судијки поротнички поради наполнети 60 години. Тоа, посочија од Советот, ќе биде направено на првата наредна седница како што предвидува законот.
Првата наредна седница, пак, треба да се одржи утре и ако на неа се констатира прекин на мандатот тогаш ТНТ ќе се врати на почеток бидејќи ќе дојде до промена во судечкиот совет кој го води овој случај.
Од одбраната во предметот досега бараа прекин на судењето токму поради возраста на двете судијки поротнички, Лилјана Ивановска-Кочковска и Марика Кондовска. Од судот, пак, одговараа дека овој совет ќе продолжи да работи додека не добие решение од Судскиот совет.
Судскиот процес за ТНТ трае речиси две години и во него, покрај Трајковски, обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот премиер Никола Груевски и четири лица од Општина Гази Баба кои биле дел од постапката за рушење на комплексот „Космос“ кој според обвинението е срушен незаконски.
Покрај за ТНТ, нов почеток е извесен и за уште четири други предмети на СЈО во кои во судечкиот совет се двете поротнички кои имаат над 60 години. Станува збор за предметите: „Талир“, „Тендери“, „Топлик“ и „Монструм“. Двете поротнички се дел и од случајот „Титаник“, но во овој случај од Основниот кривичен суд имаат назначено и заменици кои го следеа досегашниот тек на судењето.