Двајцата функционери од ДУИ се осудени за уништување изборен материјал бидејќи, меѓу другото, по завршувањето на првиот круг од гласањето за градоначалник на Чаир на локалните избори во 2013 година, во записниците додавале гласови на кандидатот од ДУИ, додека одземале од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Гури, според пресудата, на еден од претседателите на избирачките места му се заканил да го потпише преправениот записник бидејќи во спротивно ќе биде лошо за него, а му рекол и дека работата е договорена со ВМРО-ДПМНЕ
Затворски казни од по три години и шест месеци добија Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ од Основниот кривичен суд Скопје во повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал.
Пресудата денеска ја изрече судечки совет на чело со судијката Марија Клетничка-Марковска, а казните се исти како и во првиот судски процес.
Повтореното судење следува по првата првостепена пресуда, но Апелацискиот суд Скопје ја укина таа одлука и го врати случајот на почеток.
И денешната пресуда на Основниот кривичен суд не е правосилна, односно странките имаат право на жалба до Апелација која овој пат ќе треба да одлучи мериторно.
Двајцата првостепено осудени се единствените поистакнати функционери од ДУИ за кои се дојде до пресуда во случаите што ги отвори Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Според нивните генералии што беа прочитани денеска при изрекување на пресудата, Гури во моментов е заменик-управник во УЈП, а Алими државен советник во Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците, со кое раководи првиот вицепремиер Артан Груби.
Алими и Гури за „Титаник 3“ добија обвинение во јуни 2017 година за делото уништување изборен материјал – се товареа дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир.
Според обвинението, а сега и според пресудата, сега првостепено осудените со неколку други лица, кои беа сведоци во судскиот процес, по гласањето за градоначалник во првиот круг во записниците од повеќе избирачки места го менувале бројот на гласови на тој начин што на кандидатот на ДУИ му додавале гласови, а на тој од ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел од случаите одземале. Намалувале гласови и на кандидатот на ДПА.
Читајќи детално на кое избирачко место по колку гласови биле додавани и одземани за партијата, судијката за едно од нив посочи дека првостепено осудениот Исмет Гури пред влезот на Општинската изборна комисија (ОИК) кога го одзел записникот со цел да го преправи на претседател на избирачко место се заканил да го потпише бидејќи во спротивно би било лошо за него, а му кажал и дека за „оваа работа“ има договор со ВМРО-ДПМНЕ, партија со која ДУИ тогаш беше во коалиција.
Покрај менувањето на бројот на гласови, меѓу незаконските активности на двајцата функционери од ДУИ, според пресудата, било и тоа што потоа сами ставале печат од избирачките одбори, како и ги фалсификувале потписите од претседателите на одборите.
Првото судење започна во март 2018, а до пресуда дојде по две години – на 31 март 2020 година. На затворските казни од три и пол години се жалеа и обвинетите, но и обвинителството кое не беше задоволно од висината на казните.
По повеќе од една година од првостепената одлука, на 28 јули 2021 година, Апелација соопшти дека ја укинува пресудата и го враќа предметот на повторно судење пред Кривичен од што исходот е денешната изречена пресуда.