Изјавата, која тој ја даде на Денот на ветераните, наиде на критики на социјалните мрежи, при што некои историчари велат дека наликува на реториката на автократите кои ги обезличуваат нивните ривали
Изборниот тим на американскиот претседател Џо Бајден го обвини поранешниот претседател Доналд Трамп дека ја прифатил реториката на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер нарекувајќи ги неговите политички противници „штетници“.
Трамп на предизборниот митинг во Њу Хемпшир во саботата рече дека „ќе ги искорени комунистите, марксистите, фашистите и радикалната левица кои живеат во земјата како штетници и лажат, крадат и мамат на избори“, повторувајќи ги старите обвинувања дека тој бил ограбен на претседателските избори во 2020 година.
Изјавата, која тој ја даде на Денот на ветераните, наиде на критики на социјалните мрежи, при што некои историчари велат дека наликува на реториката на автократите кои ги обезличуваат нивните ривали.
„Додека повеќето Американци им оддаваа почит на нашите херои во текот на викендот, Доналд Трамп ги повтори автократските зборови на Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, двајцата диктатори против кои многу американски ветерани се бореа и ги дадоа своите животи. Доналд Трамп мисли дека може да победи со внесување на поделба во нашето општество. Тој греши, а колку… тоа ќе се дознае во ноември следната година“,
рече портпаролот на кампањата на Бајден, Амар Муса.
Портпаролот на кампањата на Трамп ги отфрла споредбите со Хитлер и Мусолини
Стивен Чеунг, портпарол на кампањата на Трамп, ги отфрли споредбите со Хитлер и Мусолини.
„Оние кои ги прават овие смешни споредби се обидуваат да најдат нешто против Трамп и тие тажни, бедни постоења ќе бидат скршени кога претседателот Трамп ќе се врати во Белата куќа“,
истакна Чеунг.
Трамп, фаворит за освојување на републиканската номинација за изборите во ноември 2024 година, има долга историја на употреба на запаллива реторика кога ги опишува луѓето што ги гледа како противници. Еднаш тој рече дека мигрантите кои илегално влегуваат во САД ја „трујат крвта на американскиот народ“.