Екипите на противпожарната единица интервенирале во три наврати под надвозник во населбата Дарданија, по што луѓето и возилата што заглавиле сега се на безбедно
Тетовската територијалната протипожарна единица вечерва во неколку наврати интервенирала во населбата Дарданија за да извлече возила кои се обиделе да поминат под надвозник, но поради високиот водостој предизвикан од обилните врнежи од дожд, заглавиле во водата.
Екипите на противпожарната единица, како што пренесува „Слободен печат“, интервенирале во три наврати и луѓето и возилата што заглавиле сега се на безбедно.
„Во населбата Дарданија полицијата го има блокирано патот под надвозникот, оти има премногу вода и возилата не можат да поминуваат. Ние таму интервениравме вечерва, извадивме три возила кои биле заглавени со луѓе внатре. Се работи за населба лоцирана зад тетовската млекара. Интервениравме во два-три наврати, како што ги добивавме повиците за помош, сега чекаме да престане дождот и со пумпи да ја испумпаме водата под надвозникот.Возилата биле заглавени во водата,возачите мислеле дека ќе ја поминат водата со своите возила, но возилата при возење откажале поради водата и повикале помош, по што ние интервениравме. Се заврши во ред, возилата и луѓето се извлечени“,
изјави комнадирот на Тетовската противпожарна единица, Авни Амети.
Обилниот дожд што вечерва зафати делови од земјава предизвика поплави во Тетово, каде дел од улиците се полни со вода, а како што јави ТВ 21 поплавени се и дворови и подруми.
Речиси целосно поплавени се улиците во населбата Дарданија, источно од железничката пруга, улицата „172“, која го спојува Тетово со Мала Речица, неколку улици околу касарната.
Поплавен е и локалниот пат од Тетово кон Фалиште, кај подвозникот.
Според изјави на жители сообраќајот е во прекин и не може да се помине од Тетово кон Фалиште.