Тестирање со брзи антигенски тестови започна во општите болниците во Кочани и Кавадарци, како и во Здравствените домови во Велес и Куманово. Со брзи тестови од денеска почнуваат и здравствените домови во Битола и Делчево, а Центарот за јавно здравје Битола од понеделник, 30 ноември.
Како што информира Министерството за здравство, во овие јавно-здравствени установи во петокот на 20 ноември беше спроведена обука на тимовите што ќе го спроведуваат тестирањето со овие тестови.
„Досега, на девет локации во Република Северна Македонија, вклучително и градот Скопје, се врши тестирање со брзи антигенски тестови. Минатата недела почна тестирањето во здравствените домови во Штип, Гостивар, Прилеп, Струмица и Општата болница во Кичево“,
велат од Министерството.
Во однос за закажувањето брз тест може да закаже единствено матичен лекар и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритмот, односно има симптоми на вирусот ковид-19, не повеќе од пет дена. Алгоритмот за брзо тестирање е од Светската здравствена организација, а матичниот лекар по земената анамнеза на пациентот одлучува дали истиот ќе се тестира со ПЦР-тест или антигенски – брз тест. Тестирањето со брзите антигенски тестови е бесплатно за граѓаните.