Воената градска управа на Киев тврди дека нападот изминатата ноќ бил еден од најмоќните што се случил од пролетта досега
На аеродромот во Русија, кој бил мета на напад со дронови, пак, оштетени се два воени авиони, а тој денеска ќе биде затворен за цивилни летови
Тензична ноќ е зад Украина и Русија, исполнета со извештаи за повеќекратни напади со дронови во руски региони и за ракетен напад врз Киев, во кој се тврди дека загинале две лица.
Руските државни медиуми јавуваат дека бил погоден аеродром во северозападниот град Псков во кој биле оштетени два транспортни воени авиони. Аеродромот се наоѓа околу 350 километри од Санкт Петербург и на повеќе од 700 километри од Москва.
Би-би-си пренесува дека поради информациите за нападот, руската агенција за воздушен транспорт соопштила оти аеродромот Псков денеска ќе биде затворен за цивилни летови.
Дел од вестите од изминатата ноќ е и дека руската војска објави оти нејзините сили уништиле четири украински брзи чамци кои биле во операција во Црното Море.
Од друга страна, пак, Украина објави дека главниот град Киев бил мета на ракетен напад. Градоначалникот Виталиј Кличко изјави дека две лица се убиени, а едно рането. Двете жртви биле мажи, а телата биле пронајдени во нестанбена зграда во областа Шевченковски.
Според изјавата на градоначалникот, има и материјална штета од рускиот напад односно неколку згради се опожарени.
Воената управа на Киев објави дека силите за воздушна одбрана успеале да уништат повеќе од 20 проектили и беспилотни летала, а нападот го опиша како еден од најмоќните што го погодил градот од пролетта.