Платформата за родова еднаквост, во која членуваат 24 невладини организации, бара темелни истраги во врска со случаите со родилката Јелдз Веаповска од Дебар, на која ѝ беа извадени органи во Струга и со дивата домашна ординација на гинекологот Мухамед Асани, кој е и директор на струшката болница.
Во меѓувреме, невладините бараат и негово разрешување.
„Спроведување детална истрага во врска со наведените искази за постапувањето во нерегистрираната ординација на докторот Мухамед Асани, негово разрешување од позицијата директор на болницата и забрана за извршување на лекарската дејност сè додека случајот не добие судска разрешница. Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага, да ги утврди пропустите и да побара одговорност за понудената здравствена заштита на пациентката во периодот пред породувањето, текот на породувањето и постпарталната грижа“,
се дел од барањата на Платформата за родова еднаквост.
Исто така, имаат барања и во врска со стручниот надзор кој го изврши Лекарската комора во врска со родилката, а за што не најде лекарска грешка.
Бараат Комората јавно да ги објави имињата на лекарите што биле дел од Комисијата за стручен надзор и да ја извести јавноста со детални информации според кои Лекарската комора не утврдила лекарски пропусти, вклучително и за причините зошто се отстранети органите кај пациентката. Понатаму, да се утврди дали има одговорност на Лекарската комора поради непрофесионално работење и штитење на здравствен работник кој работи нелегално.
„Министерството за здравство да преземе одговорност во врска со случајот и да го испита случајот преку дополнителна внатрешна истрага која ќе биде непристрасна и политички неутрална со цел да ја информира јавноста за она што се случило“,
велат од Платформата за родова еднаквост.
Невладините потенцираат дека во исказите на родилката и документацијата која ја обелодени во јавноста има индикации дека во конкретниот случај немало здравствена заштита на бремена жена, но и индикации за сторено тешко кривично дело против здравјето на луѓето.
„Родилката за време на целата своја бременост, но и непосредно пред породувањето била изложена на незаконска наплата за потребните прегледи и била прегледувана во нерегистрирана ординација. По уредна бременост, породувањето се изведува со царски рез во струшката болница. По породувањето кое е заведено како стандарден оперативен зафат без какви било пропусти, на пациентката значително ѝ се нарушува здравјето, поради што завршува на лекување на скопската Универзитетска клиника каде што се констатира дека се извадени три органи и за тоа се информира семејството“,
посочуваат од Платформата.
Оттаму велат и дека стручниот надзор не бил транспарентен, а шокира констатацијата и дека не постои лекарски пропуст или грешка кај гинекологот Асани.
Случајот со родилката Јелдз Веаповска, нагласуваат, не е изолиран туку е системски проблем кој се провлекува со години.
„Лошите болнички услови, немањето пристап до квалитетни услуги и грижа за сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и за време на породилниот период, нелегалната наплата на инаку бесплатни услуги, акушерското насилство и нехуманиот однос особено кон маргинализираните се само дел од пакетот здравствена грижа што го добиваат жените во Македонија“,
велат од Платформата.
Колку за илустрација, додаваат невладините, во Македонски Брод, Пробиштип, Крушево, Радовиш, Демир Хисар, Кратово, Делчево, Штип, Крива Паланка и Ресен државата нема обезбедено доволно акушерски и гинеколошки услуги и грижа, а во 4 од нив воопшто нема гинеколог на примарното ниво на здравствена заштита.