Владата, како што објави Телма, одлучила да му предложи на Собранието да го именува Љупчо Коцевски на седницата одржана на 9 јануари, кога во фокусот на јавноста беше инцидентот во М-НАВ, но тој ден не ја известила јавноста. Предлогот за избор на Коцевски бил примен во Собранието на 15 јануари заедно со мислењето на Советот на јавни обвинители и неговата биографија
Предлогот Љупчо Коцевски да стане државен јавен обвинител е во собраниска процедура, но сè уште не е ставен на дневен ред, а засега нема најава кога пратениците ќе се изјаснат за наследниот на Љубомир Јовески, објави телевизија Телма.

Владата, како што објави Телма, одлучила да му предложи на Собранието да го именува Коцевски на седницата одржана на 9 јануари, кога во фокусот на јавноста беше инцидентот во М-НАВ, но тој ден не ја известила јавноста.
Во соопштението од двете одржани седници на 9 јануари, Владата информира за предлогот за разрешување на двајцата директори во М-НАВ, имињата на новите предложени директори, има информации и за други прашања од економијата и одбраната, но не е објавено ништо поврзано со предлогот до Собранието за јавен обвинител. Не е објавен ниту записник од оваа седница, а образложението од Владата е дека сè уште не бил потпишан, а тоа, како што наведува Телма, најверојатно ќе се случи деновиве.
Предлогот за избор на Љупчо Коцевски бил примен во Собранието на 15 јануари заедно со мислењето на Советот на јавни обвинители и неговата биографија.
Љупчо Коцевски, кој е обвинител во Републичкото јавно обвинителство, остана едиствениот кандидат во трката за нов државен јавен обвинител откако Советот на јавни обвинители на седница одржана на крајот на декември едногласно даде позитивно мислење едиствено за него, а неговите противкандидати Фатиме Фетаи и Лидија Раичевиќ не го поминаа филтерот. Кандидатот Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше поради нецелосно доставена документација.
Согласно процедурата, предлогот од Советот на јавни обвинители со позитивно мислење за кандидатот оди до Владата, која потоа до Собранието предлага еден кандидат што добил позитивно мислење.
За да биде избран нов државен обвинител, треба пратеничка поддршка од 61 пратеник.
Јавниот обвинител го именува Собранието со мандат од шест години и за својата и работата на Јавното обвинителството на Република Северна Македонија одговара пред Собранието.