За пронаоѓањето и приведувањето на петтото лице, чијшто идентитет ниту иницијали не беа соопштени, Обвинителството денеска било известено од Министерството за внатрешни работи. Со ова, вкупниот број лица кои сега се во рацете на истражните органи за упадот во М-НАВ е петмина
Лабинот Ќерими e петтиот приведен од групата осомничена за упадот во контролата на летање, објави телевизија Телма. Тој денеска бил фатен на граничниот премин „Блаце“ кон Косово. Според извори на Телма, Ќерими, додека бил вработен во М-НАВ, истовремено во рок од неколку месеци печалел и во странство, па кога го фатиле, сам си дал отказ во македонски навигации.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска попладне соопшти дека е пронајден и лишен од слобода уште еден осомничен, од вкупно осумтемина поврзани со минатонеделниот упад во Македонската навигација (М-НАВ).
За настанот кој предизвика бура во јавноста, Обвинителството отвори истрага против осум лица, кои се товарат за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај. Четири кратко по инцидентот се најдоа во полициска станица, а од вчера се наоѓаат и во куќен притвор, додека останатите четворица беа во бегство и полицијата трагаше по нив по распишана интерна потерница.
За пронаоѓањето и приведувањето на петтото лице, чијшто идентитет ниту иницијали не беа соопштени, Обвинителството денеска било известено од Министерството за внатрешни работи. Со ова, вкупниот број лица кои сега се во рацете на истражните органи за упадот во М-НАВ е петмина.
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд ќе поднесе предлог на Ќерими да му биде одредена мерка притвор.
Што се однесува до куќниот притвор кој Кривичниот совет на скопскиот суд вчера им го одреди на шефот на огранокот на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири и на уште тројца од осомничените, од Обвинителството велат дека и натаму сметаат дека на нив треба да им биде определен ефективен затворски притвор, но истовремено информираат и дека немаат право на жалба до Апелацискиот суд, затоа што тоа не го дозволува Законот за кривична постапка (ЗКП).