Градењето вистински односи на добрососедство е најбезбеден и најбрз начин да се постигне полноправно членство во Унијата, посочил бугарскиот претседател во разговорот со грчкиот премиер
Бугарскиот претседател Румен Радев и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис телефонски разговараа за европската интеграција на земјите од Западен Балкан, соопшти прес-секретаријатот на шефот на бугарската држава.
Освен за евроинтеграцијата, се разговарало и за билатералното партнерство меѓу Бугарија и Грција и соработката за надминување на последиците од епидемијата на коронавирус во двете земји.
Двајцата соговорници изразиле заеднички став дека политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан е вистинска инвестиција во стабилноста на регионот. Затоа, според Радев, потребна е непоколеблива поддршка за спроведување на неопходните реформи во земјите-кандидати за исполнување на критериумите од Копенхаген за пристапување во ЕУ.
„Градењето вистински односи на добрососедство е најбезбеден и најбрз начин да се постигне полноправно членство во Европската Унија“,
рекол Радев.
Радев и Мицотакис разговараа и за зголемување на енергетската поврзаност и постигнување вистинска диверзификација во регионот, како и за забрзување на процесот на градење на интерконекторот меѓу Бугарија и Грција.