Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес телефонски разговарал со својот грчки колега, Никос Дендијас, за потрагата по исчезнатиот Мартин во Егејското Море.
Од македонското Министертво за надворешни работи информираа дека Дендијас ја прифатил замолницата од Османи за продолжување на потрагата и покрај изминувањето на редовниот рок за неа.
„За време на разговорот, Османи упати благодарност за трудот и пожртвуваноста на грчката крајбрежна служба, военото воздухопловство и локалното население, вклучени во потрагата. Разговорот уследи по формалното упатување нота до Министерството за надворешни работи на Грција со молба за продолжување на потрагата иако денес изминува рокот до кога се организираат ваквиот тип потраги“,
велат од Министерството.
Претходно денеска, семејството на исчезнатото момче упати јавен повик до Владата и до Министерството за надворешни работи за помош во потрагата. Неговиот брат, Горан Јовановски, на социјалните мрежи напиша оти семејството верува дека Мартин е жив и чека помош и ги замоли македонските власти да помогнат да се најде начин за продолжување на потрагата зашто според грчките закони таа би заврши денеска, на четвртиот ден од исчезнувањето.
„Затоа апелираме Владата да помогне и ги молиме македонските граѓани да помогнат доколку се во можност, а за чија помош Владата би можела да организира некаква акција. Не смееме да дозволиме да се откажеме сè додека не се пронајде Мартин“,
напиша тој на Фејсбук.
Мартин е третиот Македонец кој исчезна во водите на Егејското Море на првиот крак на Халкидики, а сè уште не е пронајден. Останатите двајца беа пронајдени и спасени.