Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ оцени оти владејачкиот СДСМ ѝ прави штета на државата со неприфаќањето на предлогот на опозициската партија за укинување на техничката влада за, како што вели, Талат Џафери да го стават за премиер
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема одлучено дали ќе учествува во техничката влада што треба да биде избрана сто дена пред одржувањето на парламентарните избори, односно на 28 јануари 2024 година, а чиј премиер, согласно предлогот на ДУИ, ќе биде актуелниот собраниски спикер Талат Џафери.
Ова, одговарајќи на новинарски прашања денеска го изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Во следниот период телата на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесат одлука дали ќе се учествува (во техничката влада) и евентуално со кои имиња би се учествувало во таква влада“,
рече Стоилковски во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата пред Владата.
Тој оцени оти владејачкиот СДСМ ѝ прави штета на државата со неприфаќањето на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката влада за, како што вели, Талат Џафери да го стават за премиер.
Инаку, според Законот за влада, во техничката влада на сто дена пред изборите, најголемата опозициска партија на добива министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри во неколку ресори со врзан потпис со министерот.
На новинарско прашање „Дали би го гласале Јован Митрески за претседател на Собранието“, Стоилковски рече дека тоа не е важно во моментов.
Инаку, Јован Митрески, кој е координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието, се очекува да биде предложен за претседател на парламентот во периодот на 100 дена пред парламентарните избори со оглед на тоа што актуелниот спикер Талат Џафери матичната ДУИ го избра за премиер на техничката влада.
Одлуката за избор на Митрески за претседател на Собранието се очекува официјално да биде потврдена на утрешниот состанок на раководството на СДСМ, кој го свика партискиот лидер и премиер Димитар Ковачевски.