Целосна невистина се тврдењата на новата техничка министерка Рашела Мизрахи дека во Комисијата за помош и нега од друго лице се блокирани над 8.500 предмети, тврди заменик министерката за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.
Според Шкријељ, новата министерка за труд не го познава доволно системот на социјална заштита.
Преку својот фејсбук профил Шкријељ и порача на техничката министерка, Рашела Мизрахи, пред да излезе во јавност да ги прочита законите.
„Пред да излезе на прес конференција за нерешените предмети за помош и нега од друго лице требаше да знае дека согласно стариот Закон за социјална заштита потребата од помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваше стручна Комисија која беше при јавна установа која во рамките на својата дејност третира проблеми од областа на психо-физичкиот развој на лица со одреден вид на попреченост и дека МТСП немаше надлежност над работењето на оваа Комисија“,
стои во соопштението на Шкријељ.
Шкријељ додава дека токму поради нефункционалноста на оваа Комисија, МТСП со новиот закон за социјална заштита ја укина комисија која не беше составена од лекари специјалисти.
Со новиот закон за социјална заштита, додава таа, потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење ја утврдуваат стручни комисии формирани во јавни здравствени установи во состав од тројца доктори специјалисти или супспецијалисти од следниве области: интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална медицина и рехабилитација, ортопедија или офталмологија.
„Формирани се наместо едната нефункционална комисија , 15 стручни комисии, од кои 5 се во Скопје. При формирање на комисиите се водеше сметка за бројот на предмети кои во просек како вкупен број секоја од нив треба да ги реши, притоа земајќи го во предвид и регионалнот пристап. Со тоа и на лицата кои имаат потреба од ова право им е олеснет пристапот до Комисиите. По формирање на стручните комисии од страна на Министерството за здравство, сите предмети за кои не беше донесен наод и мислење преку центрите за социјална работа беа доставени до истите и во тек е нивно решавање. Предметите се распоредени пропорционално, а рокот за постапување е до 01.02.2020“,
посочува Шкријељ.