За себе смета дека дал голем придонес во истрагата и додаде: „ако не беа фатени, ако не беа сопрени, не приметив дека кај нив има вина и покајание и дека ќе престанеле со планираните дејствија“
Александар Ѓорчевски, кој е обвинет за убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жечовски, денеска по првпат даде исказ во Основниот кривичен суд во Скопје. Како што пренесува МИА, зборуваше за деновите кога трагал по неговата ќерка, но и за сите детали од истрагата. На прашање од неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ дали е подготвен и согласен да даде исказ пред судот, Ѓорчевски одговори дека ја чувствува таа обврска, пред сè, заради неговата ќерка Вања.

„Психички не сум сигурен колку сум подготвен, но чувствувам обврска и сакам да дадам исказ. На почетокот на судењето кажав дека ќе дадам од неколку главни причини, пред сè, заради Вања, поради тоа што во текот на истрагата и тука во судницата беа изнесени ноторни невистини во врска со неа. Сакам да и порачам дека тато е истиот тој човек што го виде викендот пред 4 декември, а оттогаш навака сум претставуван во екстремно спротивно светло од она што сум“,
рече тој.
Посочи дека одлучил да ги потисне емоциите, да собере сила и храброст и да го даде исказот и поради сите оние што го познаваат и страдаат заедно со него.
„Да ја кажам и мојата страна од вистината, мојата приказна дека немам никаква инволвираност со овие луѓе од чии искази во текот на постапката приметивме дека не чувствуваат ниту вина ниту покајание. Приметив дека демонстрираат гнев и разочарување од т.н. цар“,
кажа Ѓорчевски.
На прашањето дали од претходно ги познава лицата на обвинетите, Ѓорчевски рече дека ниту ги познава ниту, пак, може да ги гледа додека траат рочиштата.
„Додека траат рочиштата претежно мижам, затворени ми се очите, не можам да ги гледам“,
изјави тој.
Ѓорчевски за себе смета дека дал голем придонес во истрагата и додаде „ако не беа фатени, ако не беа сопрени, не приметив дека кај нив има вина и покајание и дека ќе престанеле со планираните дејствија“.
„Одново и одново, со секое рочиште слушам што му правеле на моето дете. Кој имал задача да ја грабне и да ја врзува. Ја трескале по гепеци, ја ставале по вреќи, психички и вршеле тортури. Се обидувале да ги замачкаат доказите, како и за првото убиство на велешанецот Панче. Да успеале во тоа, Господ знае уште колку убиства и киднапирања ќе спровеле“,
рече таткото на Вања.
Опишувајќи го денот кога исчезнала Вања, но и како течела потрагата по неа, Ѓорчевски раскажа и за односот на полицијата кон него.
„Односот на полицијата беше со сомнеж кон мене. Тие тапкаа во место од самиот почеток. Ми покажуваа слики од девојчиња, дали тоа е Вања. Ме убедуваа дека не си го познавам детето, дека можеби избегала некаде. Кога ќе споменевме дека Вања не е отидена по своја волја, пројавуваа и агресија“,
кажа тој.
Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.