Стенли Џонсон, таткото на британскиот премиер Борис Џонсон е во постапка за поднесување документи за добивање француско државјанство, пренесува Индипендент.
Тој е поранешен пратеник и на британскиот референдум гласаше против излегувањето на Британија од Европската Унија.
Оваа информација во својата нова книга „Напредокот на Рејк, мојата средовечна политичка криза“, ја открива неговата ќерка Рејчел, сестра на премиерот Џонсон, која исто така е голем еврофил.

фото:David Benett/Getty Images
Во неа таа пишува дека нејзиниот татко е на пат да стане француски државјанин, врз основа на тоа што неговата мајка Ирена е родена во Версај.
„Ова е добра вест, можеби и јас исто така ќе станам Французинка“, пишува Рејчел.
Извори блиски на семејството Џонсон за Сандеј Тајмс ја потврдиле информацијата укажувајќи дека целта на таткото на премиерот била неговите внуци да можат да живеат и работат во ЕУ по Брегзитот.