Наместо да испраќате политички пораки, постапете професионално на дело, а не само со зборови, реагира директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски во изјава за НОВАТВ, по реакциите на неколкумина началници на неговата изјава во која тој го критикуваше техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за партиски притисок врз полцијата.
„Излезете на терен и заедно со полицајците спроведете ги мерките за заштита кои се од интерес на сите нас. Издигнете се над партиските повици и задржете го професионалниот, но пред се личниот интегритет и заштитете ги граѓаните од кои сите ние сме платени. Изминативе три години довербата во полицијата порасна и сега сме и најпотребни на државата и граѓаните, да не ги разочаруваме”,
вели Тасевски за НОВА.
Началниците на СВР Скопје, СВР Штип, СВР Струмица и СВР Охрид, денеска со писмени изјави до медиумите застанаа на страната на Чулев и побараа извинување од директорот на БЈБ.
Сите тие се дел од назначувањата кои ги направи техничкиот министер за внатрешни работи веднаш по преземањето на функцијата во јануари годинава. За некои од нив, како за првиот човек на СВР Скопје Ристо Ставрески тој дојде во судир со дополнителна заменик министерка Славјанка Петровска.
Препукувањата меѓу директорот на БЈБ и министерот за внатрешни работи започнаа со изјавата на Чулев кој одговорноста за зголемениот број заболени со ковид-19 ја префрли на Тасевски.
