На официјалната фејсбук-страница на Алијанса за Албанците, пак, денеска беше објавено дека состанокот на Централното собрание на партијата, согласно Статутот на партијата, е закажан за в сабота
Откако претседателот на Централното собрание на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за в сабота закажа седница на ова партиско тело на кое најави дека ќе се бара одговорност од партискиот лидер Арбен Таравари, денеска во дел од медиумите беше објавена информација оти Таравари за утре закажал состанок со делегатите на Централното собрание на Алијанса. Во изјава за МИА, Таравари ја потврдил ваквата информација.

„Утре во 19 часот во Куманово ќе одржам консултативен состанок со делегатите на Собранието на партијата“,
вели Таравари во изјава за МИА.
На официјалната фејсбук-страница на Алијанса за Албанците, пак, денеска беше објавено дека состанокот на Централното собрание на партијата, согласно Статутот на партијата, е закажан за в сабота.
„Дел од членовите на Собранието на АА во текот на вчерашниот ден добиле порака за средба во Куманово, а потоа и за средба со претседателот на АА, Арбен Таравари. Она што сакаме да ве известиме е дека никој не треба да подлегне на дезинформации дека се одржува партиско собрание бидејќи, како што ќе заклучите од поканата, станува збор за собир и состанок. Партиското собрание, согласно Статутот на партијата, е закажано за в сабота во ресортот ‘Буши’ во 13 часот“,
стои во објавата на официјалниот фејсбук-профил на Алијанса за Албанците.
Еден од осумтемина пратеници кои Алијанса за Албанците ги има во актуелниот парламентарен состав, Халил Снопче, кој застана зад Таравари во одлуката за заеднички изборен настап на Алијанса со опозициските партии на Албанците, во изјава за весникот на албански јазик „Лајм“ кажал дека утре ќе се соберат за да ја потврдат поддршката за партискиот лидер. На утрешниот состанок на делегатите, како што вели Снопче, ќе се потврди дека мнозинството од членовите на Централното собрание стојат зад Таравари.
„Ќе се собереме утре во Куманово и ќе ја потврдиме поддршката за Таравари. Политичката поддршка Таравари ја има бидејќи го има апсолутното мнозинство на делегатите на Собранието на партијата и утре само ќе се потврди технички и формално оваа политичка поддршка што тој ја има добиено од делегатите на Собранието на партијата. Утре ќе се потврди дека мнозинството на Собранието на партијата стојат зад Таравари и мнозинството ќе учествуваат утре во Куманово, каде ќе се демонстрира силната поддршка за Таравари“,
изјавил пратеникот Халил Снопче од Алијанса.
Според Снопче, на состанокот на Централното собрание на Алијанса кој е закажан в сабота, а на кој беше најавено дека ќе се бара одговорност од Таравари, нема да има кворум.