Единствената надеж, според Таравари, е дека Соединетите Американски Држави ќе започнат шок-терапија почнувајќи од, како што рече, воведувањето на американската црна листа за отстранување од сцената на корумпираните актери од политиката и правосудниот систем
Државата капитулира пред криминалот и корупцијата, а најдобар доказ за тоа е враќањето на нула на случајот со Сашо Мијалков за масовно следење на граѓаните на земјава.
Вака в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, ја коментира одлуката на Апелацискиот суд Скопје кој ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, со која поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затворска казна и го врати предметот на повторно судење.
„Оправдувањата дека во првиот степен се направени отстапки само ја докажува организираната криминална мрежа во правдата, каде основните судови намерно прават отстапки за да му дадат алиби на Апелацискиот суд да ги поништи одлуките. Тоа го овозможува судството, заробено од владејачките партии и криминализирано до срж. Во Република Северна Македонија повеќе нема правна сигурност и независна правда“,
истакна Таравари.
Таравари смета дека институциите на чело со претседателот на државата дезертирале од борбата против корупцијата и јавно кажуваат дека нема капацитет за ветинг.
Единствената надеж, според него, е дека Соединетите Американски Држави ќе започнат шок-терапија почнувајќи од, како што рече, воведувањето на американската црна листа за отстранување од сцената на корумпираните актери од политиката и правосудниот систем.
„Покрај корумпираните политичари, мора да се исчисти и правосудниот систем од чумата на корупцијата. Дополнително, итно е потребна целосна реформа на правосудниот систем. Ова го вклучува законот за проверка на судиите и обвинителите, формирањето на специјални судови против корупцијата и организираниот криминал (интегрирање на првата и втората инстанца во институционален чадор), создавање на советот за судски назначувања и високиот инспекторат за правда, одговорен. Во овие институции мора да има меѓународни комесари“,
рече в.д. лидерот на АА.
Тој ѝ се обрати на американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер и ѝ порача дека граѓаните во земјата гледаат на американската амбасада како единствена надеж за промена на, како што рече, „катастрофалната состојба во која оваа влада го доведе нашиот правосуден систем“.
Дополнително, тој ја понуди својата партија, Алијанса за Албанците, како партнер целосно посветен на оваа кауза.
Апелацискиот суд Скопје ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, со која поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затворска казна и го врати предметот на повторно судење.
„Таргет-Тврдина“ е главен предмет од аферата за масовното нелегално прислушување, а со првостепената пресуда, покрај Мијалков, на затворска казна од четири години беше осудена поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Највисоки казни од по 15 години затвор добија двајцата избегани контраразузнавачи од т.н. Петта управа на тогашната УБК, Никола Бошковски и Горан Грујовски.