Според него, првата и најбитна точка е пакетот на Алијанса за борба против корупција и криминал и функционирањето на државата
Лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари пристигна во владата на средба со премиерот Димитар Ковачевски на која се очекува да разговараат за соработка и евентуално проширување на владиното мнозинство.
„Ќе разговараме за синхронизација на нашата програма со нивната. Ако можеме ова да го синхронизираме ќе продолжиме во следна фаза на преговори, евентуално можеби и кадровски“,
изјави Таравари пред средбата со Ковачевски.
Според него, првата и најбитна точка е пакетот на Алијанса за борба против корупција и криминал и функционирањето на државата.
„За другите точки мислам дека е некоректно сега да зборувам пред да ги презентираме пред партиите од Владата“,
рече Таравари.
Ковачевски денеска по конференцијата „Година на нови можности“ информираше дека со Таравари ќе разговараат по однос на политичките и програмските определби за идна можна соработка.
На средбата со Таравари, како што посочи тој, ќе се разговара за евроинтеграциите, за носење одлуки кои значат побрзо и поефикасно справување со енергетската криза, како и носење реформски закони.
Тој најави дека денеска СДСМ ќе одржи седница на Извршниот одбор на која ќе се разговара за актуелните прашања.
Ковачевски во интервју за „360 степени“, на прашањето дали воопшто има потреба од проширување на парламентарното мнозинство, рече дека секогаш постои можност и потреба, заради окрупнување на одреден блок, во него да влезат нови политички субјекти.
„Тоа ќе значи зголемување на ефикасноста на работата на Собранието, со оглед на тоа дека имаме голем број реформски закони што се дел од пристапувањето кон Европската Унија, бидејќи скринингот тече, а откако завршуваат кластерите со скринингот ќе се знае кои реформи ќе треба да се прават врз основа на извештаите на ЕУ. Ќе се зголеми ефикасноста на самите институции, кадровско освежување… Меѓутоа, за тоа да се случи мора да се остварат одредени принципи кои ги застапуваат сите политички партии што се дел од Владата и, нормално, да се постигне договор на база на политичка агенда и на база на кадровска агенда“,
рече тој.
Според Ковачевски, иако до овој момент немало разговори за програмско и кадровско усогласување со нови партнери во Владата, со влез на Алијанса за Албанците во Владата би се зголемил сојузот на партии што се за европска Македонија.