„И од министерот, како и од директорот на ФЗО, Сашо Клековски, ни беше ветено дека терапија ќе има до крајот на наредната недела“, изјавија претставници на Здружението Хема-онко по средбата со министерот за здравство
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска на средба со претставници на Здружението Хема-онко ветил дека до крајот на наредната недела ќе има терапија на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Средбата со претставниците на Здружението била планирана пред актуелните случувања на Онкологија, но неизбежна била темата за недостиг на терапија за овие пациенти.
„И од министерот, како и од директорот на ФЗО, Сашо Клековски, ни беше ветено дека терапија ќе има до крајот на наредната недела. Од него побаравме да се направат напори барем дел од оваа терапија да се стави на Позитивната листа, со што овие проблеми ќе се избегнуваат во иднина“,
изјавија за МИА претставници на Здружението.
Дел од пациентите на Онкологија пред неколку дена алармираа дека на Клиниката од петокот минатата недела немаат шест лекови од биолошката терапија, а стравуваат дека за брзо време може да снема уште три други.
Проблемот го потврдија и од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, од каде што рекоа дека е резултат на административни процедури, кои се реализираат согласно буџетот за 2024 година.