„За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство, двајца заменици-министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен“, вели Таравари

Актуелниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари вели дека сè уште нема решено дали ќе биде министер во идниот владин состав.
Таравари вели дека сè уште размислува дали ќе ја прифати функцијата и потврдува дека се точни дел од пишувањата во медиумите околу распределбата на владините ресори и функционерски места.
Тој вели дека можеби денеска или утре ќе биде објавен договорот меѓу идните владини партнери, „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Освен нас, се надевам и друга партија, сега немам информација од ВМРО-ДПМНЕ дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено“,
рече Таравари.
Што се однесува до распределбата на ресорите, Таравари вели дека околу министерските места имаат разговарано, но но и за директорските.
„За директори уште немаме зборувано. За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство, двајца заменик-министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен“,
вели Таравари.
Таравари ги коментираше и резултатите од вчерашното прегласување на седум избирачки места во петтата и во шестата изборна единица и посочи дека биле во предност на 8 мај, а сега, како што рече, се во огромна предност.
„Во шестата изборна единица, ДУИ има еден пратеник помалку, ’Вреди’ има еден пратеник повеќе, така што, нашиот вкупен број на пратеници е 14, ДУИ останува со 18 пратеници“,
рече Таравари.
Околу бројот на министерски места со кои во новата влада ќе раководи „Вреди“, Таравари пред три дена изјави дека сè уште нема ништо дефинитивно бидејќи разговорите се во тек.
Таравари на претседателските избори како кандидат на коалицијата „Вреди“ освои 83 393 гласови.
Околу формирањето на новата влада и составот на партиите кои ќе бидат во неа, денеска коментираше и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски преку објава на својот профил на социјалната платформа Икс.
Милошоски вели дека новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ.
Во однос на формирањето на новата влада, деновиве работните групи што за таа цел ги формираа ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, според информациите, ги привршуваат преговорите и, како што најавија, од двете политички групации со конечниот исход од договореното се очекува да излезат утре.