Можноста постои затоа што тоа го бара меѓународниот фактор, и доколку тоа го бараат и граѓаните, во тој случај Алијанса може да биде дел од Владата, вели претседателот на АА

Претседателот на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари вечерва гостува во дебатната емисија „Клик плус“ на ТВ21 каде најави политички интересна 2023 година и рече дека постои можност за влез на неговата партија во Владата, иако досега конкретна понуда нема.
„Постои можност за влез во Владата. Конкретна понуда нема, но ние сме во постојана комуникација. Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60-60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијансата“,
вели Арбен Таравари за ТВ21.
Според него, можноста постои затоа што тоа го бара меѓународниот фактор, и доколку тоа го бараат и граѓаните, во тој случај Алијанса може да биде дел од Владата.
„Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот“,
додава Таравари, пренесува ТВ21.
Од претставниците на Владата, пак, вечерва на оваа тема коментираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во гостувањето во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24, при што рече дека за влегување на која било партија во владината коалиција мора се отвори дебата во рамки на СДСМ и на актуелното парламентарно мнозинство. Во СДСМ, рече Спасовски, има конгресна одлука за градењето на коалициските капацитети и треба да се оценат сите аспекти односно што се добива, што се губи, кои се придобивките за државата итн.
Темата за влез на Алијанса за Албанците во владината коалиција се наметна во јавноста уште во септември лани, кога Таравари тогаш како в.д. претседател рече ако добие понуда, партијата ќе ја разгледа. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, тогаш рече дека за секоја евентуална поддршка на неговата влада треба да се разговара.