Генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари во интервју во емисијата „360 Степени“ на Алсат ја коментираше изјавата на обвинителката Рускоска која кажа дека клучната улога во спасувањето на Зијадин Села на 27 април во Собранието не ја имал Абдулфета Алими, туку некој демонстрант Тони кој првично го извлекол Села од толпата, па Алими подоцна му се придружил на помош, како и дека доколку Алими си ја извршел својата работна задача на обезбедување на вратите од Собранието, не би имало ни потреба да спасува некого.
Тој рече дека досега не слушнал за улога на демонстрант во спасувањето на Села.
– Таа вечер јас бев во постојан контакт, бев околу Собранието, но ова име за првпат го слушам. Јас сум бил во директен контакт со Фета Алими преку телефонот на Зијадин и со лекарот кој давал прва помош. И знам дека кога беше донесен во болница, јас го пречекав во Ургентниот центар. Обвинителката вели дека бил опериран, но тој не беше опериран, но беше сместен на интензивна нега. И таму мене не ми се претстави ниеден човек. Јас не се сеќавам дека некој ми се претставил. Но, според тоа што го памти Села е дека Фета бил со него. Обвинителката не го негира тоа, дека заедно со некој друг човек го повлекле. И практично и Фета Алими заедно со Тони, ако е тоа така, јас не можам да негирам, можеби е така, го повлекле и во тие моменти г. Села не бил свесен. Тој во период од околу еден час и десет минути не бил при свест поради хематомот што го имал во мозокот. Јас не можам да негирам дека некој помогнал, можеби и многу други кои го ставиле во автомобил, значи логистички помогнале за да го тргнат од Собранието и ние сме им благодарни на сите тие луѓе. Секаде има и лоши и добри луѓе, не сакам да ги делам… Ние немаме снимка за тоа, но можеби е така и ако го сторил тоа, ние му благодариме, бидејќи направил хуман чин. Но и Фета заедно со Тони, нели, така вели обвинителката, заедно со Тони го повлекле и му помогнале на пратеникот, или на претседателот на партијата, за да го спасат – рече Таравари.
Тој вели дека правдата мора да постои, но дека не треба да биде селективна.
– Сите ние на камери видовме како Муковски ги отвора вратите и неколку други пратеници. Прочитавме тоа што излезе во јавноста, сите пораки на Велјановски испратени до луѓе за да се организираат, но и тој е на слобода. Имавме министер за внатрешни работи кој сега е заменик министер, нели, на крајот на краиштата, и тој треба да има некаква одговорност како министер за тоа што се случи таа вечер. Ние можеме да речеме дека немал можности, не го слушале, но законски постојат можности да користи други механизми и да го спречи тоа – рече Таравари.
Тој потенцираше дека сега Мукоски и Вељановски се дома, а Алими е во затвор.
– Ние бараме само да има искрено судење, да има правда, за да има мир, како што бараше и Заев – рече Таравари.
Напишете коментар