Вечерашниот конгрес се случува на два дена пред вонредниот конгрес што минатиот викенд го иницираше крилото на Села на состанок на Централното собрание на партијата. На конгресот на Села в недела, како што беше соопштено, треба да се расправа за разрешување на Арбен Таравари од лидерската позиција во партијата
Одлуката за заеднички настап на изборите со опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“, како и неговата кандидатура за претседател на државата, што ја објави вчера од гостиварскиот плоштад, се двете главни точки кои актуелниот лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари очекува да бидат потврдени на вечерашниот вонреден конгрес на партијата што тој го свика во Скопје.

Таравари ова го изјави пред почетокот на конгресот, за кој рече дека легитимен, наспроти тврдењата на крилото на Алијанса блиско до поранешниот претседател на партијата и актуелен претседател на Централното собрание на АА, Зијадин Села.
„Конгресот е свикан заради две главни точки. Првата за да ја добијам поддршката од конгресот за да се кандидирам за претседател на државата и да почнеме да ги собираме потписите. Втората работа е да се потврди коалицијата што треба да се случи утре“,
рече Таравари.
На конгресот, додаде тој, ќе има уште една точка која се однесува на статутарни измени на одредби кои, како што кажа биле злоупотребени изминатиов период.
На прашањето што мисли за конгресот, исто така вонреден, што за в недела го свика претседателот на Централното собрание и негов противник во внатрепартиската битка, Зијадин Села, лидерот на Алијанса рече:
„Ова е легитимниот конгрес“
Коментирајќи го минатонеделниот состанок на Централното собрание на крилото на Села, од кој произлезе иницијатива за разрешување на Таравари, тој рече дека за да се свика собрание потребни се две третини од делегатите, а Села немал ниту половина од нив.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа кого посакува за противкандидат на претседателските избори од редовите на ДУИ, Таравари изјави дека би сакал тоа да биде лидерот на оваа партија, Али Ахмети.
„Јас би го посакал Али Ахмети, но ќе ги почитувам и другите кандидати кои имаат поддршка од своите партии“,
рече актуелниот лидер на Алијанса за Албанците.

Таравари за вечерва свика вонреден конгрес на партијата во Скопје, со што продолжува внатрепартиската битка меѓу неговото и крилото на претседателот на Централното собрание на Алијанса, Зијадин Села.
Имено, вечерашниот конгрес се случува на два дена пред вонредниот конгрес што минатиот викенд го иницираше крилото на Села на состанок на Централното собрание на партијата. На овој конгрес како што беше соопштено треба да се расправа за разрешување на Арбен Таравари од лидерската позиција во партијата.
Инаку, денеска од крилото на Таравари на прес-конфрененција обвинија дека Статутот на партијата бил прекршен во повеќе наврати за време на одржувањето на седницата на Централното собрание која актуелниот претседател на ова тело, Зијадин Села, ја свика и одржа минатиот викенд.
Според она што беше соопштено на денешната прес-конференција, првиот прекршок на Статутот е направен со самото свикување на Централното собрание на 10 февруари. Дополнително, адвокатот на Алијанса за Албанците, Абидин Абдули, кој ги образложуваше направените прекршоци на партискиот статут за време на минатонеделната седница на Централното собрание, рече и дека биле фалсификувани потписи на дел од членовите на ова тело кога се потпишувала иницијативата за разрешување на Таравари.
Како нелегитимен од крилото на Таравари го прогласија и вонредниот конгрес на партијата свикан за претстојниот викенд зашто за негово свикување не гласале две третини од членовите во Централното собрание како што предвидува партискиот Статут.
„Покрај статутарните прекршувања кои се констатирани и се во фаза на утврдување, одлуките донесени од таканареченото собрание од 10 февруари 2024 година може да претставуваат и кривични дела доколку се докаже дека за иницијативата за разрешување на претседателот Таравари како и за повикот на конгресот, не гласале две третини од партиските легитимни претставници во Централното собрание“,
рече Абидин Абдули.

Ваквите тврдења, како невистинити и како обид за манипуалција веднаш ги отфрлија од членовите на Алијанса за Албанците во Тетово, кои ги поддржуваат ставовите и актовностите на Зијадин Села.
„Тие (приврзаниците на Таравари) денеска се обидоа да го оспорат законското право на дејствување на претседателот на Собранието, на пратениците и на сите членови и функционери избрани од легитимните партиски тела. Денеска бевме сведоци на уште еден апсурд од свој вид“,
велат во писмената реакција приврзаниците на Села.
Тие, како што се вели во реакцијата, како нелегитимна и незаконска го сметаат денешниот состанок во Скопје, кој Таравари го најави како вонреден конгрес и додаваат дека има голем број прекршувања во свикувањето на, како што велат, таканаречениот конгрес и прашаа кој ќе го води.