За тројцата нови пациенти што денеска се имаа пријавено во болницата во Кочани, министерот рече дека веќе се пренесени во Клиничкиот центар и во „8 Септември“

Министерот за здравство Арбен Таравари најави дека денеска ќе ги посети пациентите што беа пренесени во болниците во Софија и во Солун.
Тој додаде дека, според информациите што ги имаат, сите пациенти се надвор од животна опасност.
„Сепак да бидеме максимално внимателни и да им се даде макимална медицинска поддршка. тоа што зависи од нас е направено комплетно. Се надевам дека и земјите што ни се пријатели и сакаат да ни помагаат и ќе прифаќаат нашите пациенти ќе дадат максимум од себе“,
рече тој на попладневната прес-конференција од пред Клиниката за пластична хирургија.
Рече дека во текот на денешниот ден уште 26 пациенти ќе бидат транспортирани во други држави и тоа во Словенија, Хрватска, Австрија и во Белград.
За тројцата нови пациенти што денеска се имаа пријавено во болницата во Кочани, министерот рече дека веќе се пренесени во Клиничкиот центар и во „8 Септември“.
Со тоа, рече тој, во болниците во Кочани и во Штип сега нема пациенти и сите се на лекување во терцијалното здравство.
„Досега во Скопје на лекување се 84 пациенти. Откако тие 26 ќе се испратат во странство ќе останат уште 58 пациенти. Состојбата на сите е стабилна и ситуацијата е под контрола“,
рече Таравари упатувајќи апел сите што биле во објектот за време на пожарот, а не се јавиле досега на лекар тоа да го направат.