Студентскиот парламент на Белградскиот универзитет соопшти денеска дека постигнал договор со министерот за образование Младен Шарчевиќ и студентите нема да бидат иселени од домовите, а оние што се позитивни на ковид-19 ќе добијат можност дополнително да ги полагаат испитите.
Нагласувајќи дека чекаат усвојување на сите барања, Студентскиот парламент додаде и дека чека одговор за продолжување на рокот за престој во домовите.
Студентите што се заразени со коронавирус ќе добијат можност дополнително да ги полагаат испитите од роковите кои ги пропуштиле, за што ќе се заложи Министерството. За средношколците, кои ќе го пропуштат полагањето на приемниот испит, одлуката ќе биде донесена дополнително, соопштуваат од Студентскиот парламент.
Министерот Шарчевиќ изјавил за Танјуг дека в понеделник ќе се знае исходот по тоа прашање, но дека никој нема да биде оштетен.
Студентскиот парламент потсетува дека бројот на заразени студенти во домовите во Белград, врз основа на податоците на Заводот за здравствена заштита, изнесува 49. Студентите кои се заразени се изолирани во посебни објекти.
Претседателката на Студентскиот парламент Маргарета Смиљаниќ истакна за Танјуг дека од почетокот на вонредната состојба се водат разговори со сите надлежни за високото образование и студентскиот стандард.
„Нашите барања и молби се делумно исполнети, настојуваме да бидат целосно исполнети. Нема да дозволиме студентите да бидат иселени и да се дозволи мартовското сценарио“,
додаде Смиљаниќ.
Студентите денеска повторно се собраа пред платото на Филозофскиот факултет во Белград, од каде што побараа да се повлече одлуката за затворање на студентските домови и им дадоа три дена рок на надлежните да ги исполнат нивните барања. Освен тоа, тие побараа и дополнителни испитни рокови, бесплатно тестирање на ковид-19 и лекување на заболените студенти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа најави во рамки на заострување на мерките за спречување на коронавирусот, дека ќе бидат затворени сите студентски домови во Белград. Тоа предизвика незадоволство меѓу студентите, кои синоќа излегоа на белградските улици во знак на протест.
Од денеска во Белград е прогласена вонредна состојба поради големиот број заразени.