Во соборниот храм во Белград во тек е света архијерејска литургија која ја служат патријархот српски Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан со владици на двете цркви, пренесува Танјуг.
Според информациите на Танјуг, по завршувањето на литургијата, патријархот на СПЦ се очекува да му го врачи томосот на апрхиепископот Стефан за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Претходно, како што потсетуваат српските медиуми, 42 епископи на СПЦ едногласно се согласија за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.
По заедничката литургија на МПЦ-ОА и СПЦ во Скопје, патријархот Порфириј ја соопшти одлуката на Саборот кој „еднодушно излегол во пресрет на молбата на МПЦ-ОА“ и ја признал нејзината автокефалност.

Со признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ, се става крај на 55-годишниот црковен раскол.

За следниот викенд во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул се најавува историско сослужување на вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот Стефан откако Фанар на 9 мај одлучи да ја признае црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет.