Собранискиот спикер Талат Џафери го исклучи микрофонот на собраниската говорница среде обраќање на Влатко Ѓорчев. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ остана „без тон“ откако почна да зборува за одговорност на градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, по што доби неколку предупредувања од Џафери да се врати на темата, бидејќи седницата е за избор на нови министри.
„Како што вие се однесувате со мене, така ќе се однесувам и јас со вас. Мене не мора да ме признаете ама додека прифаќате збор од мојот повик овде ќе треба да го испочитувате тоа. Кажав дека Курто Дудуш не е предмет на дискусија“, рече Џафери и им порача на пратениците да не го тестираат неговото трпение.
Освен за предложените решенија за нови министри, пратениците ја искористија говорницата и за партиски препукувања. По појавувањето на екс-премиерот Груевски на суд во Будимпешта, пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, на колегите од опозицијата им порача дека додека не расчистат со него, нема да победат на избори.
„Се дури не се оградите од овој човек со лисици, капче и ночари во суд во Будимпешта, кој уште ви дава насоки како да постапувате, како да дејствувате, преку неговата уста и очи – кој се вика Христијан Мицкоски, нема да дојдете на власт. Граѓаните не сакаат да гледаат пак такво ВМРО-ДПМНЕ кое ќе биде и главен уредник на вести и полицаец во МВР, кое ќе биде и прв судија. Граѓаните нема да го дозволат тоа. Позади вас седи Вељаноски, човек обвинет за организација на нападот и насилствата во Собранието на 27 април 2017 г. Дајте свртете се малку кон себе“, рече Костадинов.
На ова реплицираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој му рече на колегата Костадинов дека е „влезен во филм“ и му порача власта да расчисти со криминалот.
„Кои ви се тие Кики, Баки, Мики и слични ликови. Одете си од власт и спасете ја Македонија“, порача Мицевски, алудирајќи на серијата колумни на Бранко Героски објавени на „Плусинфо“, во кои се посочува на случаи на рекет и изнуда, од сопственик на телевизија, со вмешаност на претставници на владејачката партија.
Се очекува Собранието денеска да се изјасни за предлозите на премиерот Зоран Заев – нов министер за локална самоуправа да биде Горан Милевски – пратеник и претседател на ЛДП, со министерството за земјоделство да раководи Трајан Димковски, кој беше шеф на кабинет на досегашниот министер Љупчо Николовски. За нов министер за култура е предложен Хисни Исмаили од партијата Алтернатива, а со ресорот животна средина треба да раководи Насер Нуредини на покана од ДУИ. Досегашниот министер за животна средина од редовите на ДУИ, Садула Дураку, преминува во министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
На седницата е присутен и премиерот Заев, кој пред пратениците ги брани предложените решенија.
*поврзана вест: КОИ СЕ МИНИСТРИТЕ ВО НОВАТА ВЛАДА?