Анализа на „360 степени“: Колку се реални најавите на ВМРО-ДПМНЕ за промена на распоредот на сили во законодавниот дом? Додека партискиот врв зборува за незадоволство меѓу коалициските партнери на Заев, дел од нив тврдат дека не ни слушнале дека кој било од сегашното мнозинство разговара или размислува за преминување во другиот политички камп. Од пратеничкиот табор на Беса, пак, најавуваат проширување на сегашното мнозинство
ВМРО-ДПМНЕ ќе се обиде да состави влада, изјави во јули минатата година партискиот портпарол Димче Арсовски. Три дена по завршувањето на предвремените парламентарни избори, Арсовски потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ како партија има најмногу пратенички мандати, додека СДСМ, како што рече, има помалку мандати затоа што настапувал во коалиција со Беса.
Нови барања за парламентарни избори, половина година по последните
Точно седум месеци подоцна, ВМРО-ДПМНЕ како партија и натаму има најмногу пратенички места (40). Но оваа партија не успеа да формира влада и не го контролира мнозинството во законодавниот дом, иако партискиот лидер Христијан Мицкоски и други членови на раководството на партијата неколку месеци наназад најавуваат формирање ново мнозинство (со пратеници што не се од СДСМ или од ДУИ) – реторика која во последниот период е засилена и со барања за предвремени избори, заедно со локалните наесен.
„Ако навистина можат да направат ново мнозинство, не знам зошто, наместо да владеат, би им требале и предвремени избори“,
коментира Маја Морачанин, претседателка и пратеничка на ДОМ, која влезе во Собранието како дел од предизборната коалиција со СДСМ.
Во изјава за „360 степени“, таа вели дека ниту разговара за ново мнозинство, ниту има таква понуда, ниту, пак, размислува во таа насока, а како што вели, не ни слушнала дека некој друг од пратениците од сегашното мнозинство има такви планови. Според Морачанин, ниту ново мнозинство ниту предвремени избори не се решение за ситуацијата во државата, туку за тоа, како што оценува се, потребни конструктивност, одговорност на пратениците кон граѓаните и повисоко ниво на политичка култура.
„Факт е дека ние сме 62 пратеници и дека тоа е мало мнозинство. Меѓутоа, јас сум демократ и мислам дека мало мнозинство може да биде поголема придобивка за граѓаните, како што и големо мнозинство може да претставува хендикеп за демократските процеси. Ете, и да има нови избори, која би била разликата. Расположението на граѓаните не се менува за само неколку месеци“,
вели Морачанин.
Во пратеничката група на СДСМ, 13 члена се од други партии
ДОМ има уште еден пратеник во пратеничката група на коалицијата „Можеме“, која брои 42 члена, откако четворицата пратеници на Беса решија да настапуваат независно од коалицијата на СДСМ, која освои 46 мандати на изборите на 15 јули, наспроти 44 мандати на коалицијата „Обнова“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние сме дел од коалицијата што победи на последните избори и во мандатот 2020-2024 година ќе ја води државата“,
вели за „360 степени“ пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, во врска со најавите на Мицкоски за ново парламентарно мнозинство.
Тој посочува дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ веќе три месеци настапува со тврдења дека ќе формира ново мнозинство, со цел, како што вели, да се држат во надеж партиските структури.
„Интерпелацијата за Димитров покажа дека можат да стигнат до максимум 53 пратеници. Како што се одвиваат работите, има повеќе изгледи мнозинството да се зголеми“,
вели Реџепи.
Иако е водечка партија во власта, СДСМ има само 29 пратеници од своите редови, додека другите 17 мандати што ги освои „Можеме“ се на партнерите во коалицијата. Освен Беса (4) и ДОМ (2), по двајца пратеници имаат и НСДП и ЛДП, по еден пратеник имаат Партијата за движење на Турците и Демократската партија на Турците, Демократскиот сојуз (Павле Трајанов), Партијата на пензионери (Илија Николовски) и ВМРО-НП (Љупчо Балковски). Мирослав Јовановиќ е пратеник од Српската странка, а пратеник на мнозинството стана и Зекир Рамчиловиќ, кој своевремено, во претходниот собраниски состав, беше во независната пратеничка група што произлезе од ВМРО-ДПМНЕ.
(Не)функционалноста на сегашното мнозинство
Пратеникот на НСДП, Горан Мисовски, кој е потпретседател на парламентот, е убеден дека секојдневните најави на Мицкоски и на негови најблиски соработници за формирање ново мнозинство се со со цел јакнење на позициите во опозициската партија пред конгресот.
„Таа приказна е повеќе за внатрепартиска употреба, пред конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа и блефираат, иако е многу јасно дека нема шанси да направат друго мнозинство. Немаме информации дека кој било од ова мнозинство разговара на таа тема со опозицијата или, пак, дека некој има желба за тоа. Ова парламентарно мнозинство е стабилно и немаме проблеми во функционирањето, освен кога наидуваме на пречки поради ситуацијата со ковид-19“,
ни изјави Мисовски.
Единствениот пратеник што досега не исклучи можност за излегување од мнозинството, но не и преминување во другиот табор, е Енес Ибрахим откако неговата Партијата за движење на Турците ја напушти коалицијата со СДСМ во Радовиш.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пак, вчера, слично како и премиерот Зоран Заев во претходните денови, категорично отфрли можност за ново мнозинство и за вонредни парламентарни избори. ДУИ има 15 места во Собранието, а дел од мнозинството е и Мендух Тачи, како единствен пратеник на ДПА.
Но, Мицкоски не отстапува од тврдењата дека коалицијата на власт е кршлива. Во интервју за Македонското радио, тој изјави дека коалицијата меѓу СДСМ и Беса е на „стаклени нозе“ бидејќи премиерот Заев не може да го исполни договорот со Билал Касами за внесување на етничката припадност во личните карти.
Покрај 39 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, во пратеничката група на оваа партија се и двајца пратеници на Социјалистичката партија и по еден од Демократската партија на Србите (Иван Стоиљковиќ) и ГРОМ (Љупчо Пренџов)… Целата парламентарна опозиција брои 58 пратеници, од кои 12 се од коалицијата на Алијанса за Албанците (8) со Алтернатива (4), а двајца се од Левица.
Опозициските партии во повеќе наврати настапуваа заеднички во парламентот, но имаше и случаи кога имаа поделени ставови, и тоа за крупни прашања.