ДПА и на минатите избори настапуваше самостојно, кога, со оглед на зголемената конкуренција во албанскиот блок, го забележа најслабиот резултат во историјата на партијата
ДПА, на крајот, сепак, се одлучи за самостоен настап на претстојните парламентарни избори. Иако имаше најави за можно партнерство со СДСМ, а потоа и со НДП на Весел Мемеди, на неколку дена пред официјализирањето на кандидатските листи за пратеници, од партијата на Мендух Тачи соопштија дека нема договор за заеднички настап со друга партија.
Одлуката за самостоен настап, како што јави Алсат, била донесена на денешната седница на Централното претседателство на ДПА во Тетово.
„На седницата, претседателот на партијата реферираше за состојбите, почна дебата, по што се донесе одлука – ДПА сама ќе излезе на претстојните парламентарни избори. Ја користиме оваа прилика да ги повикаме сите Албанци да ја поддржат и да гласаат за ДПА како единствена национална партија на Албанците во земјава“,
изјави Луан Треси, портпартол и член на Централното претседателство.
Сега ДПА, а претходно и ДУИ најави самостоен настап на десеттите парламентарни избори, наспроти другите парламентарни партии кои главно ќе настапуваат во колаиција. Од новите партнерства, најмногу внимание привлече коалицијата СДСМ – Беса, додека втората нова коалиција е меѓу Алијанса за Албанците и Алтернатива.
ДПА и на минатите избори настапуваше самостојно, кога, со оглед на зголемената конкуренција во албанскиот блок, односно формирањето на Беса и на Алијансата, го забележа најслабиот резултат во историјата на партијата. Освојувајќи само два мандата, партијата на Мендух Тачи ја изгуби и позицијата што ја имаше во т.н. голема четворка.