Пандемијата на новиот коронавирус е далку од завршена, рече генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус.
Тој додаде дека е загрижен поради нарушување на нормалните здравствени услуги, особено за децата.
„Пандемијата е далеку од завршена. СЗО и понатаму е загрижена за растечкиот тренд во Африка, Источна Европа, Јужна Америка и некои земји во Азија“,
рече Гебрејесус.
Тој додаде дека има извештаи за недостаток на вакцини за други заболувања во 21 држави, како резултат на ограничувања поврзани со пандемијата.
„Имаме многу долг пат пред нас и треба да завршиме уште многу работа“,
рече тој.
Според него, светот треба да ја послуша внимателно СЗО затоа што организацијата соопшти на 30 јануари за вонредна здравствена состојба поради новиот коронавирус. Во тоа време, надвор од Кина, имаше 82 случаи на инфекција, и ниту еден смртен случај.
Од своја страна, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, објави дека повеќе од 1,5 милијарди деца ширум светот не одат на училишта и поминуваат многу време на интернет заради пандемијата со новиот коронавирус.
Тој смета дека со тоа се зголемува ризикот да бидат регрутирани од екстремистички групи. Гутереш истакна дека „младите се соочувале со огромни тешкотии“ пред пандемијата, но сега ситуацијата значително се влошила.