Директорот на Светската здравствена организација за вонредни ситуации Мајкл Рајан изјави дека коронавирусот сè уште е во пораст низ целиот свет, поради што предупреди дека наскоро може да следува скок и во бројката на смртност.
„До овој број на зголемени случаи дојде во последните пет до шест недели, така што мислам дека не треба да биде изненадување ако стапката на смртност повторно почне да расте“,
рече Рајан на брифингот потсетувајќи дека во април и мај имаше 100 000 случаи на ден.
Иако рече дека засега тој број се чини дека е стабилен, предупреди дека честопати има застој помеѓу зголемувањето на потврдените случаи и пријавувањето смртни случаи.

Рајан изрази надеж дека колективното знаење стекнато за ефикасно лекување на пациенти со Ковид-19 ќе помогне да се задржи стапката на смртност релативно ниска, но тоа не може да се гарантира.
Тој, исто така, ја отфрли идејата дека значителниот пораст на случаите е последица на пообемно тестирање и рече дека епидемијата се шири.
Досега од коронавирус во светот се заразени 11 957 412 лица, додека како последица на болеста починале 546 783 луѓе во светот, од кои најмногу во САД 133 972 лица.