Постапката за итно одобрување за употреба на руската вакцина Спутник В е во застој, бидејќи недостасуваат одреден број податоци и усогласеност на правните процедури, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
„Речиси секојдневно работиме со руското Министерство за здравство на решавање на преостанатите прашања кои треба да ги достави Рускиот фонд за директни инвестиции“,
соопшти Маријанџела Симао, помошничка на генералниот директор на СЗО, задолжена за пристап до лекови и здравствени производи.
Таа изрази надеж дека постојните недостатоци наскоро ќе бидат отстранети.
Симао потврди дека СЗО повторно ќе го отвори случајот, ќе ги процени доставените податоци и ќе ги продолжи инспекциите на производствените капацитети во Русија дури и ако досието биде „сè уште нецелосно“.
„Сите поднесоци што ги имаме се обработуваат на ист начин“,
вели Симао но не го наведе крајниот рок кога може да заврши процесот за одобрување на руската вакцина за внесување на листата на дозволени за употреба вакцини против ковид.