Главниот научен раководител на Светската здравствена организација, доктор Сумија Сваминатан ги предупреди здравствените власти и граѓаните да не ги комбинираат вакцините против ковид-19 од различни производители, бидејќи тоа претставува „опасна тенденција за која нема доволно податоци како ќе влијае врз здравјето“.
Експертите се обидуваат да најдат начин за да го засилат ефектот од послабите вакцини за да го спречат ширењето на делта варијантата на вирусот па по првата доза од еден производител, вклучуваат втора од некој друг, за која се смета дека е поефикасна.
„Тоа е влез во зона без податоци, без докази. Ќе се доведеме во хаотична состојба во некои земји ако граѓаните решаваат каква би била втората доза на вакцината која ја примаат“,
вели Сваминатан.
Во меѓувреме, компанијата „Фајзер“ настојува американските и европските регулатори да дозволат и вакцинација со трета доза, како дополнителна заштита, додека здравствените работници сметаат дека не постојат медицински докази дека таа е неопходна.
Во исто време, СЗО побара побогатите држави да не порачуваат дополнителни дози за веќе вакцинираното население, бидејќи многу од посиромашните земји немаат воопшто добиено никакви вакцини за заштита од коронавирусот.