Оштетените системи за вода и канализација, како и намалените средства за чистење во здравствените установи, го прават речиси невозможно одржувањето на основните мерки за превенција и контрола на инфекции, велат од СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) аларамира за зголемено ширење на заразни болести во Газа поради големата концентрација на луѓе на мал простор, контаминираната вода и слабиот пристап до хигиенските установи во екот на војната меѓу Израел и Хамас, пренесува „Гардијан“.
Во соопштението на СЗО се наведува дека од средината на октомври годинава повеќе од половината од пријавените 33 551 случај на дијареја се меѓу деца на возраст под пет години.
Според меѓународната организација, станува збор за значително зголемување во споредба со околу 2 000 вакви случаи на месечно ниво кај деца под пет години забележани во текот на 2021 и 2022 година.
Оштетените системи за вода и канализација, како и намалените средства за чистење во здравствените установи, го прават речиси невозможно одржувањето на основните мерки за превенција и контрола на инфекции.
Ваквите услови, се наведува, значително го зголемуваат ризикот од инфекции кои се должат на траума, операција, нега на рани и породување, на кои се изложени и здравствените работници.
„Недоволната лична заштитна опрема значи дека самите здравствени работници можат да пренесуваат инфекции додека обезбедуваат грижа за своите пациенти. Управувањето со медицинскиот отпад во болниците е сериозно нарушено, што дополнително ја зголемува изложеноста на опасни материјали и инфекции“,
се наведува во соопштението на СЗО.
Инаку, Израел, во пресрет на копнените операции на војската во Газа против Хамас нареди масовна евакуација на Палестинците од северните во јужните делови на Појасот.
Во меѓувреме Иран предупреди дека размерите на страдањето на цивилите предизвикано од израелската војна против Хамас неизбежно ќе доведе до проширување на конфликтот, јавува Ројтерс.
„Поради проширувањето на интензитетот на војната против цивилните жители на Газа, проширувањето на опсегот на војната стана неизбежно“,
му рекол министерот за надворешни работи на Иран, Хосеин Амир-Абдолахиан, на својот катарски колега шеикот Мохамед Бин Абдулрахман Ал Тани вчеравечер.
Иранската државна телевизија Прес ТВ денеска ги објави коментарите дадени за време на телефонски разговор во петокот.
Тие би можеле да ја зголемат загриженоста за тоа дали дипломатските напори на Вашингтон и распоредувањето на американските поморски сили во источниот Медитеран ќе можат да го спречат конфликтот дополнително да го дестабилизира Блискиот Исток, забележува Ројтерс.