Оттаму посочија дека дека ширењето на хантавирусот на крузерот може да остане ограничено доколку се спроведат соодветни мерки за јавно здравје и постои координација и солидарност меѓу државите
Ова, според организацијата, е првпат да биде регистрирана епидемија на вирус ограничена исклучиво на еден брод
Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека појавата на хантавирус на крузерот „МВ Хондиус“ засега не претставува почеток на епидемија или пандемија, иако се можни нови случаи на зараза.

Раководителката на Одделот на СЗО за превенција и подготвеност за епидемии и пандемии, Марија Ван Керхове, на прес-конференција во Женева изјави дека ситуацијата треба внимателно да се следи, но оти нема индиции за глобално ширење на вирусот.
„Ова не е почеток на епидемија. Ова не е почеток на пандемија, но е совршена можност да се потсетиме дека инвестициите во истражување на патогени како ова се клучни бидејќи терапиите, тестовите и вакцините спасуваат животи“,
рече таа.
Од СЗО нагласија дека ширењето на хантавирусот на крузерот може да остане ограничено доколку се спроведат соодветни мерки за јавно здравје и постои координација и солидарност меѓу државите.
Сепак, организацијата предупреди дека не се исклучува можноста за појава на нови случаи.
„Ова не е ковид, не е грип и се шири на поинаков начин. Преносот на тој вирус од човек на човек е можен само со продолжен контакт“,
вели Ван Керхове.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, изјави дека крузерот на кој е регистрирана појава на хантавирус се движи кон Канарски Острови, оценувајќи дека ризикот од зараза за локалното население е низок.
Тој посочи дека СЗО издала насоки до операторите на крузери за постапување во вакви ситуации и за заштита на здравјето на патниците и екипажот.
„Сите патници се замолени да останат во своите кабини. Кабините моментално се дезинфицираат и секој што има симптоми ќе оди во изолација“,
рече тој.
Од СЗО соопштија дека ова е првпат да биде регистрирана епидемија на вирус ограничена исклучиво на еден брод.
Инаку, крузерот „МВ Хондиус“, кој пловел од Аргентина кон Капо Верде, се најде во центарот на вниманието откако СЗО соопшти дека тројца патници починале, а постои сомневање дека биле заразени со хантавирус.
