Овој потег може да ги натера западните земји да го прошират прифаќањето на двете помалку ефикасни кинески вакцини, кои здравствената агенција на ООН ги лиценцираше, но тоа не беше случај со повеќето европски земји и САД
Светската здравствена организација (СЗО) во четвртокот соопшти дека сите вакцини против ковид-19, кои ги одобрила за употреба во итни случаи, треба да бидат признаени од сите земји и тие треба да ги отвораат своите граници за патниците што се вакцинирани со овие вакцини.
Овој потег може да ги натера западните земји да го прошират прифаќањето на двете помалку ефикасни кинески вакцини, кои здравствената агенција на ООН ги лиценцираше, но тоа не беше случај со повеќето европски земји и САД.
Покрај вакцините на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, Астра Зенека“ и „Џонсон и Џонсон“, СЗО им даде зелено светло на двете кинески вакцини направени од „Синовак“ и „Синофарм“.
Во насока на повторното отворање на границите низ Европа, Европската Унија во мај рече дека ќе ги признава сертификатите за вакцинација само доколку се за вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА) – иако тоа зависи од одделните земји доколку сакаат да ги пуштат патниците што примиле други вакцини, вклучително и руската „спутник В“.
Регулаторот за лекови на ЕУ размислува за одобрување на кинеската вакцина „Синовак“, но нема временска рамка за одлуката.
Исто така, ЕМА не ги одобри верзии на вакцината на „Астра Зенека“ кои се направени во Индија, поради што има забрана за влез на лица од земјите во развој кои добиле вакцини преку иницијативата поддржана од ОН, позната како Ковакс.
„Секоја мерка која овозможува само луѓето кои се вакцинирани со подгрупата вакцини одобрени од СЗО да имаат привилегии да патуваат… би создала двостепен систем, дополнително проширување на глобалната поделба за вакцините и влошување на нееднаквостите што веќе ги видовме во дистрибуцијата на вакцините против ковид-19. Тоа негативно ќе влијае на растот на ионака послабите економии“,
се вели во соопштението на СЗО од четвртокот.
СЗО смета дека ваквите потези ја поткопуваат „довербата во вакцините кои спасуваат животи, за кои веќе се покажало дека се безбедни и ефикасни“. При ревизијата на двете кинески вакцини, здравствената агенција на ООН соопшти дека било откриено дека и двете значително го намалуваат ризикот од хоспитализација и смрт.
Двете кинески вакцини се „инактивирани“, направени со мртов коронавирус, додека вакцините создадени на Запад се направени со понови технологии, кои користат безопасни фрагменти од протеин кој ја обложува површината на коронавирусот.
Иако западните земји во голема мерка се потпираат на вакцините направени во САД и Европа, како што се „Фајзер/Бионтек“ и „Астра Зенека“, многу земји во развој користеа вакцини направени во Кина.
Претходно, оваа година раководителот на Кинескиот центар за контрола и превенција на болести призна дека ефективноста на домашните вакцини е мала. Многубројни земји кои користеле милиони дози на двата кинески производители, вклучувајќи ги Сејшелите и Бахреин, забележале бран на ковид-19, дури и со релативно високо ниво на имунизација.