Европа сега претставува епицентар за глобалната пандемија на коронавирусот, предупреди Светската здравствена организација.
Секојдневно се регистрираат се повеќе заразени случаи отколку во Кина, од каде што започна ширењето на вирусот.
„Повеќе од 132.000 случаи се регистрирани како позитивни на коронавирусот во повеќе од 123 држави. Починати се над 5.000 лица“,
соопшти претседателот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус на виртуелна прес-конференција.
Тој додаде дека зголемувањето на бројот на заразени низ целиот свет претставува „трагичен знак“ во ширењето на болеста. Околу 70.000 лица се регистрирани низ светот дека оздравеле од коронавирусот.
Косово денеска ги регистрираше првите два случаи на коронавирус. Станува збор за 20-годишна девојка од Италија и 77-годишен маж од Косово.
Грција пак потврди дека регистрирани се 190 случаи на заразени.
Во Хрватска првпат е регистрирано заразено дете од претшколска возраст, а вкупниот број на инфицирани од Ковид-19 во таа земја се искачи на 32.
На врвот на листата по бројот на регистрирани заразени лица е Кина, а втора е Италија. Следуваат Иран и Јужна Кореја, а на листата со голем број заразени се и Шпанија, Германија, Франција и САД.