„Некаде после 50. минута (од разговорот) ми се обрати инспекторот Зарински, до мене седеше Дејан Димовски. Зарински ме праша дали го знаеш Боре (Видевски), му реков дека го знам и го познавам. Потоа со десната рака ми покажа дупка во ѕидот и рече: Ова е од Боре. Не смеам да ти го кажам ова, но користевме стари методи за добивање признание“, рече Петковски во својот исказ пред судот на денешното рочиште
„Во тоа време и сè уште сум член на комисијата за безбедност на политичката партија Десна, а разговаравме на тема ирански дронови „Шахед“. Добив задача и обврска од Палевски да прибавам информација во врска со тоа и да го известам заедно со останатите членови на комисијата“, рече сведок за комуникацијата со Палевски
Со изведување материјални докази и исказ не сведок на одбраната денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е бранител на таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање, пред судот ги изведе доказите, посочувајќи дека остануваат на пречистената листа на материјални докази доставена до судот.
По неговото излагање на пултот за сведоци беше повикан Зоран Петковски, како сведок на одбраната на првообвинетиот во предметот, Љупчо Палевски-Палчо.
Тој исказот го почна одговарајќи на директни прашања на бранителот на Палевски, адвокатот Марјан Витановски. Првото негово прашање до сведокот беше дали во критичните денови имал контакт со првообвинетиот.
Со Палевски разговарале за ирански дронови
Петковски, кој за себе рече дека во тоа време, а и сега е член на комисијата за безбедност на политичката партија Десна, одговарајќи на прашањето кажа дека на 27 ноември 2023 година (денот кога е грабната и убиена Вања), имал комуникација со Палевски преку таен канал на платформата Телеграм.
Комуникацијата, како што кажа, била во временскиот период од околу 8:20 до 9 часот. Сведокот кажа дека ова го тврди бидејќи тој ден ѝ било роденден на неговата сопруга, која и била сведок на комуникацијата бидејќи во тоа време заедно го пиеле утринското кафе.
Тој ја сподели и темата на која разговарале со Палевски.
„Во тоа време и сè уште сум член на комисијата за безбедност на политичката партија Десна, а разговаравме на тема ирански дронови ‘Шахед’. Добив задача и обврска од Палевски да прибавам информација во врска со тоа и да го известам заедно со останатите членови на комисијата“, рече Петковски.
Одговарајќи на дополнително прашање, сведокот кажа дека Палевски не му кажал каде се наоѓа во тоа време. Рече и дека не бил приведен во врска со убиствата, ниту за комуникацијата со Палевски.
Наредното прашање, на кое сведокот Петковски се осврна говорејќи во детали, се однесуваше на денот 5 февруари 2025 кога со уште еден член од раководството на партијата биле повикани на разговор во полициската станица „Пролет“, а во врска затворањето на просториите на партијата.
Петковски, притоа, сподели и еден интересен момент.
„Искуствено поучен од работниот век во АРМ и МВР, пред да влезам во полициската станица вклучив уред диктафон со кој го снимив целиот разговор. Разговорот течеше крајно коректно и пријателски. Се одвиваше во канцеларијата на началникот Драган Зарински, а на него присуствуваа началникот Дејан Димовски и уште еден инспектор кој не се легитимираше. Откако се запознавме, разговорот траеше нешто повеќе од еден час“, наведе Петковски.
Рече дека откако инспекторите виделе дека станува збор за поранешни припадници на безбедносните служби, атмосферата на разговорот добила пријателски тон и инспекторите почнале да изнесуваат моменти и информации за настаните од 22 и 27 ноември 2023 година, односно за убиствата на Панче и Вања во Велес и Скопје.
Дупката во ѕидот
Во еден момент еден од инспекторите директно го прашал дали познава еден од обвинетите, односно Боре Видевски.
„Некаде после 50. минута (од разговорот) ми се обрати инспекторот Зарински, до мене седеше Дејан Димовски. Зарински ме праша дали го знаеш Боре (Видевски), му реков дека да го знам и го познавам. Потоа со десната рака ми покажа дупка во ѕидот и рече: Ова е од Боре. Не смеам да ти го кажам ова, но користевме стари методи за добивање признание“, рече Петковски во својот исказ пред судот.
Надоврзувајќи се на кажаното, тој рече дека бидејќи станува збор за изнудено признание, судот треба да го земе тоа предвид.
Сведокот потоа продолжи да раскажува што уште, според него, му кажал инспекторот во полициската станица „Пролет“.
„Зарински продолжи дека додека разговарал и го тепал Боре, (Влатко) Кешишев стоел пред врата и слушал. Продолжи со зборовите: Кога влезе Влатко, ми кажа Боре и Вељо, тие ми го донесоа во гепекот од каде што го презедов. Мислеше на Панче Жежовски“, наведе сведокот на одбраната на Палевски.
Петковски рече дека освен за кривичноправните настани во Велес и Скопје, со началникот разговарале и за „Безбеден град“ бидејќи, како што кажа, тој учествувал во неговата изработка „заедно со Израелците“.

Одговарајќи на вкрстеното испрашување од обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, сведокот рече дека со Палевски имал комуникација само на 27 ноември, но не и на 22 (денот кога е убиен Жежовски), а во тоа е сигурен затоа што ги чува пораките и комуникацијата од 22 ноември.
Прашан за комуникацијата со Палевски од 27 ноември, Петковски кажа дека неа не ја чува затоа што станувало збор за канал на Телеграм на кој пораките самите се бришат 30 минути по комуникацијата.
Рече дека последното работно место, пред да замине во пензија пред три години, му било офицер за разузнавање и анализа во Куманово, а на прашање од обвинителката дали е точно дека додека работел бил дисциплински казнуван, сведокот одговори:
„Не сакам да разговарам за работи поврзани со службата“.
Прашан за дупката во ѕидот во канцеларијата на полицискиот началник, што наводно била од тепањето на Боре Видевски, сведокот опиша дека станувало збор за видна вдлабнатина во ѕидот од гипс, со пречник меѓу 10 и 12 сантиметри, но дека околу неа немало други видливи траги, како, на пример, од крв.
Сведокот одговори и на неколку прашања од судијата Ивица Стефановски, а кои се однесуваат на познавањето на Палевски на информатичката технологија.
Сведокот рече дека не може да каже, но како експерт по хидроакустика и од она што можел да го види, обвинетиот Палевски, како што рече, добро владеел со средствата за електронска комуникација.
Инаку, во однос на разговорот во полициската станица, што сведокот Петковски тајно го снимал со диктафон, одбраната на Боре Видевски побара снимката да биде изведена како материјален доказ, но судот го одби предлогот, со образложение дека станува збор за материјал кој е прибавен на незаконски начин.
Адвокатот Бојан Манев, кој е бранител на Боре Видевски, во изјава за медиумите по завршувањето на денешното рочиште, кажа дека со одбивањето на судот да ја прифати снимката како материјален доказ е спротивно на Законот за кривична постапка.
„Јас како бранител на обвинет, имам право на основ на исказ на даден сведок да обезбедам соодветна одбрана, односно да приложам соодветен доказ. Тоа право го поседувам согласно одредбите од Законот за кривична постапка. И по денешниот даден исказ од страна на сведокот, ако сакаме да водиме целисходна постапка, треба да биде повикан и другиот инспектор којшто исто така присуствувал на кривичноправниот настан и на изнудувањето на признанието од обвинетиот Боре Видевски, бидејќи истиот е дел од таа постапка. Јас бидејќи сега се дознава за таа работа, ќе го предложам, а дали ќе биде прифатено од страна на судот, не знам“, рече Манев.
Прашан дали има медицинска документација од тортурата врз неговиот клиент, адвокатот рече дека досега најмалку 10 пати приложил таква документација, како и уште пет ургенции за состојбата на Видевски со бубрегот. Во однос на повредите што биле констатирани кај неговиот клиент, адвокатот одговори:
„Многу, од фрактури на глава, до, бидејќи има проблеми со бубрезите, тој е тепан во делот на половината постојано. Во ургенциите имаме и медицинска документација и документација од Клиниката за нефрологија, каде беше две недели. Сето тоа го имаат потврдено лекари“.
Прашан од новинарите што правел Боре Видевски, бидејќи на минатото рочиште беа прикажани снимки на кои меѓу другото се гледаат тој, Палевски и Влатко Кешишев кај Велибор Манев дома вечерта пред убиството на Жежовски, адвокатот кажа дека тие снимки не се од тој ден.
„По однос на тие снимки коишто ги гледавме на минатото рочиште, јас само ќе изјавам една работа, од страна на мојот клиент, а ќе го видите тоа и во неговиот исказ, е кажано дека тие не се снимки од тој ден. Вечерта пред убиството на Панче Жежовски, тоа е ден Свети Архангел, тој присуствува на негова лична слава. Тие снимки не се од тој ден. Тоа ќе го видите во исказот на сите обвинети. Најискрено не верувам дека некој планирал убиство како кривично дело, сам би се снимал. Такво нешто е надвор од памет“, рече Манев.

Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде возилото „ситроен“ за да го користат во грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
Следното рочиште судијата Ивица Стефановски го закажа за 5 март.