Токму Србија, под влијание на Русија, ја подигна состојбата на воена готовност и нареди да се подигнат нови барикади, со цел да се оправдаат и заштитат криминалните групи кои ги тероризираат особено граѓаните од српска националност, кои живеат на Косово, напиша на Фејсбук косовскиот министер за внатрешни работи
Изјавите дека Косово воведе состојба на готовност се целосно невистинити и се дел од пропагандата на двоецот Србија-Русија, напиша косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља на својот Фејсбук профил.
„Косово нема агресивен пристап и освојувачки аспирации како Србија. Косово има за цел мир и стабилност, додека Србија има за цел дестабилизација и војна“,
рече Свечља.
Тој додава дека Србија е таа што ја подигнала состојбата на борбена готовност и „наредила да се постават нови барикади“, но, како што вели, „за да се заштитат криминалните групи на северот“.
„Токму Србија, под влијание на Русија, ја подигна состојбата на воена готовност и нареди да се подигнат нови барикади, со цел да се оправдаат и заштитат криминалните групи кои ги тероризираат особено граѓаните од српска националност, кои живеат на Косово“,
напиша Свечља на Фејсбук.
Според него Приштина, „не е заинтересирана за војна“, и се посветени само на „борбата против криминалот и тероризмот на Косово“ и дека тоа е она што ја кочи Србија.
„Тоа ја попречува Србија, бидејќи со години ги поддржуваше криминалните групи на северот на земјата во сите форми“,
вели тој.
Во исто време, тој го обвини претседателот на Србија дека, според него, сака „по секоја цена да ги оштети демократските вредности на Косово“.
„Секогаш кога борбата против криминалот открива дека легитимното практикување на власта во нашата земја е во корист на секој граѓанин, без разлика на националноста, Србија, на чело со Вучиќ, по секоја цена се обидува да ги наруши демократските вредности што ги промовира нашата земја“,
наведува Свечља.
Она што го прави косовската полиција, додава тој, е само спроведување на мандатот и секојдневните задачи – „не подготовка за војна“.
Тој и денеска потсети дека косовските институции се во тесна координација со меѓународните партнери, кои работат на „решавање на ова прашање без каква било можна ескалација“.
Во исто време, тој му порача на Белград со барикадите „да се бори за суверенитетот на соседната земја“.
„Србија со барикадите како алатка се бори за суверенитетот и територијалниот интегритет на соседната земја – Косово, а ние сме заинтересирани да се бориме против криминалот и криминалните групи во нашата земја, без разлика кои се тие“,
нагласи Свечља.
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа изјави дека Приштина наводно ја подигнала борбената готовност. Тој во видео порака на Инстаграм го спомнува наводното вооружување на Албанците.