Мемети е во бегство, а МВР за него распиша меѓународна потерница
Командирот и четворица затворски полицајци кои синоќа го организирале и спровеле затвореникот Беким Мемети се суспендирани од работа, потврдуваат од Министерството за правда за „360 Степени“. Тие се наоѓаат на распит во обвинителството. Затвореникот Мемети е во бегство, а МВР за него распиша меѓународна потерница.
Припадник на затворската полиција од Казнено-поправната установа „Идризово“ е ранет во инцидент што се случил синоќа пред полноќ, кога, според информациите на Министерството за внатрешни работи, затвореник што бил превезуван со затворско комбе за укажување лекарска помош во болница пукал во него.
Министерството за внатрешни работи утрово информираше за нападот. Оттаму велат дека затвореникот од КПУ „Идризово“ ноќеска пред полноќ, додека го носеле во болница, пукал во затворски полицаец, го ранил и побегнал со друго возило.
Според МВР, синоќа во 23:20 часот четворица вработени во затворската полиција кои биле со комбе „форд транзит“ побарале помош од полициски службеници од СВР Скопје.
Дежурен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, во врска со бегството на осуденикот од комбе на затворот „Идризово“, во кое беше ранет припадник на затворската полиција издал наредби за обезбедување на снимки од видеонадзорот во Казнено поправната установа, листинзи од телефоните на службените лица за да се утврди дали постојат основи на сомнение за кривично дело противзаконито ослободување лице лишено од слобода.
Министерството за внатрешни работи денеска распиша меѓународна потерница по 36-годишниот Беким Мемети.